Шилегов и покрај одлуката на Уставен ќе земе само 14.500 денари плата, другите ќе ги донира


Фото: Б. Грданоски

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и покрај денешната одлука на Уставниот суд за запирање на извршувањето на поединечни акти преземени врз основа на уредбите за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба, тој сепак ќе земе плата од 14.500 денари, а остатокот ќе го донира во фондот за борба против епидемијата од ковид-19.

„Без оглед на одлуката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, разликата од мојата плата до 14.500 денари ќе ја уплатам во фондот за борба против епидемијата од вирусот ковид-19.

Живееме во време во кое секој од нас, треба да покаже барем малку солидарност и колективна одговорност.

Државните функционери (секој од нас поединечно) треба да предначат во тоа чувство на одговорност.

Седете дома (иако е тешко). Секој од нас е одговорен за своето и јавното здравје.

Почитувајте ги препораките за социјална дистанца и носење на заштитна опрема.

Во извештаите за состојбата на заболените, луѓето се само бројка, но, почитувани, таа бројка може да биде било кој од нас.

Секој е важен. Секој човек е важен“, напиша Шилегов на Фејсбук.