Шести протест на битолчани против депонијата


Од протестот против депонијата (Фото: А. Блажевска)

 

Шести протест на битолчани против изградбата на регионалната депонија се одржа вечерва на плоштадот „Магнолија“ во Битола. Демонстрантите решија собирите да ги одржуваат во центарот на градот, наместо пред зградата на Општина Битола со цел да не го попречуваат сообраќајот на Булеварот „1 Мај“. 

Како одминува времето сѐ помалку граѓани присуствуваат на протестот. „Со рака луѓе, ништо не правиме, нема свесност кај граѓаните“, вели битолчанката Галена. „Стоп за депонија, не за онкологија“, „Битола не ја оставаме без иднина и поколение“ беа дел од транспарентите.

„Ќе правиме пирамидална информативна структура за информациите против депонијата да стигнат до секој од вас. Така информациите ќе одат брзо. Поднесовме писмено барање да ни го достават проектот за депонијата во Пелагонија, но го нема. Целта ми е да пристапите на пирамидалните информативни групи и сите да бидеме во мрежа“, рече Тони Апостоловски од координативното тело на иницијативата „Против депонија“.

Зоран Лазаровски зборуваше и за новиот пат кој треба да се гради низ Пелагонија за потребите на новиот центар за управување со отпад. „Нека одат на Криволак, таму нека се дислоцира депонијата, нека биде и регионална ама не во нашиот двор”, рече Лазаровски од иницијативата.  (А.Б.)