Шест земји од ЕУ бараат забрзано пристапување на Украина во Унијата


Брисел – Шест балтички и скандинавски земји побараа Европската Унија да подготви јасна патна карта за брзо интегрирање на Украина во блокот, изразувајќи загриженост дека Унгарија се обидува да го попречи процесот, пренесе Укринформ.

Како што објави списанието Политико, повикувајќи се на писмо потпишано од високи дипломати од Шведска, Финска, Данска, Летонија, Литванија и Естонија, овие земји го реафирмирале „полноправниот и недвосмислен ангажман кон членството на Украина во ЕУ“.

„Време е за амбициозни и конкретни одлуки“, се наведува во писмото, со кое се бара од Брисел да преземе решителни чекори во процесот на проширување.

Иако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претходно изјави дека Украина би можела да стане членка на ЕУ до 2030 година, иницијаторите на оваа иницијатива бараат гаранции дека процесот нема да биде одложен.

„Украина направи значаен напредок во реформите – сега е моментот да го мобилизираме целиот потенцијал и да и помогнеме да го заврши овој процес“, стои во писмото.

Во документот се изразува загриженост дека унгарскиот премиер Виктор Орбан продолжува да се спротивставува на интеграцијата на Украина во Унијата, а дипломатите од Будимпешта редовно го блокираат напредокот на преговорите за зајакнување на украинските институции и економска соработка.

Орбан неодамна најави национално референдумско изјаснување за ставовите на унгарските граѓани во однос на пристапувањето на Украина.

Полскиот министер за европски прашања, Адам Шлапка, претходно изјави дека Полска како ротациски претседавач со Советот на ЕУ ќе се заложи за забрзување на пристапот на Украина во ЕУ, и покрај противењето од Унгарија.