Музеите Лувр, Орсе и Пикасо утре ќе бидат затворени поради протестите во Париз
Музеите Лувр, Орсе и Пикасо во Париз, како и изложбениот простор Гран Пале, ќе бидат затворени в сабота, 24 октомври, поради најавените демонстрации во францускиот главен град, соопшти синоќа Министерството за култура на Франција.
Во врска со најавените нови протести, француското министерство ги повика сите институции под негова надлежност да преземат сите мерки за да ја обезбедат безбедноста на посетителите, заштитата на вработените и зачувувањето на уметничките дела.
Тоа соопштение следеше откако саемот за современа уметност „Арт Базел Париз“ претходно во текот на денот објави дека се откажани и последните два дена од настанот во Гран Пале.
Нови протести, познати и како „Втор чин“, беа најавени за 24 октомври, првенствено во главниот град, но и во други поголеми француски градови како што се Марсеј, Лион, Ница, Бордо.