Шест нови случаи на западнонилска треска – вкупно досега заболени 50 лица
Бројот на потврдени случаи на западнонилска треска во земјава се зголеми на 50, откако во текот на еден ден се регистрирани уште шест нови случаи.
Петмина од нив се од Скопскиот регион, од кои тројца се жители на Гази Баба, сите на возраст над 70 години; еден пациент е од Зелениково и има 26 години, додека еден е од Аеродром и има 59 години.
Нов случај е регистриран и во Куманово, каде што станува збор за 65-годишен маж од приградска населба кој е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Според информациите од Центарот за јавно здравје Куманово, тој пред да се разболи не патувал надвор од државата.
Директорот на Центарот за јавно здравје Куманово, Херољинд Сакипи, информира дека здравствената состојба на пациентот е тешка, а покрај инфекцијата со вирусот Западен Нил, тој има и хронични заболувања, меѓу кои и дијабетес, кои можат да влијаат врз текот на болеста.
По случајот е спроведена епидемиолошка анкета со членовите на потесното семејство, а најавени се и соодветни мерки, меѓу кои дезинсекција на објектот и просторот каде што престојувал заболениот, како и на други места каде што постои можност да бил каснат од заразен комарец.
Досега пет лица починале од последиците од болеста во текот на ова лето.