„Шерифот“ Синани ќе добие кривична пријава и суспензија од работното место
Репетирал пиштол, им се заканувал на колеги полицајци на аеродромот, сакал да ја носи Вјоса Османи со кола по писта, а го пратил спикерот Гаши – ова стои во кривична пријава за „шерифот“ од обезбедувањето на спикерот Африм Гаши, која ја подготви Внатрешната контрола на МВР. Осомничен е Сабедин Синани, шефот на обезбедување на Гаши и вработен во МВР. Го гонат за две дела „загрозување на сигурноста“ и „спречување службено лице во вршење службено дејствие“. Според пријавата Синани на први август претпладне стигнал со возило со полициска ротација.
„Пријавениот С.С. на ден 01.08.2024г. околу 10:30 часот на Меѓународен Аеродром Скопје на паркингот пред ВИП салонот пристигнал со возило со поставени ротациони светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник од ПС за ГП Меѓународен Аеродром Скопје кој извршувал работни задачи пред вратата на ВИП салонот му се обратил на висок тон, го турнал наназад со двете раце и заканувајќи му се го спречил полицискиот службеник како службено лице во извршување на неговите службени дејствија.
Пријавениот С.С. бил испратен на Меѓународен Аеродром Скопје од страна на претседателот на Собрание со цел надминување на недоразбирањето кое настанало со претседателката на Косово во врска со безбедносните процедури за преглед на багаж и електронски уреди при летање со комерцијални летови.
Потоа, заедно со уште двајца полициски службеници од Секторот за обезбедување на личности влегол во ВИП салонот и движејќи се во простории каде немал овластување за движење и престој, на присутните вработените на ТАВ-Скопје, полициски службеници од граничната полиција и Одделот за заштита на определени личности и објекти почнал да им се заканува по животот, водено барајќи да ја спроведе претседателката со возило до авионот“, објави министерот Панче Тошковски на Фејсбук.
Тошковски најави дека МВР ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полицискиот службеник и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место – суспензија до завршување на дисциплинската постапка, а против полициските службеници С.Р. и Н.Б. ќе поднесе Предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина поради „извршување на незаконита наредба“, несовесно извршување на работни задачи и рушење на угледот на полицијата.