Шелева со омаж за Тихомир Јанчовски: Тихо замина не само ненадејно, туку и – “недочитан”

(„И да останам сам, ако Бог е со мене - кој ќе е против мене?“ – Т. Јанчовски 2025 )


На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, синоќа, пред преполна сала, во присуство на семејството, пријателите и колегите, се одржа комеморација во чест на поетот, писател, преведувач и издавач Тихомир Јанчовски.

Ви го споделуваме обраќањето во целост на проф. д-р Елизабета Шелева, истакната литературна критичарка и теоретичарка, и универзитетска професорка на Општа и компаративна книжевност на Филошкиот факултет во Скопје, член на Академија Балканика Еуропеана,  на комеморацијата.

 

„Почитувано семејство по крвно сродство и семејство по духовно сродство – другари, ученици и соработници на Тихо,

Овој настан НЕ требаше ниту вака, ниту сега да се случи. Верувајте ми на збор – мене се’уште ми е надреално неговото заминување како неумолив факт, што неповратно ни ги промени деновите, чувствата и мислите. На 31 јануари, неколку часа, пред да ја слушнам кобна вест – од ракава ми отскокна чашата со вода и се разби на подот во парчиња. Веднаш знаев дека тоа е предзнак на зловест…
Сепак, ова нема да биде вистинска комеморација, дури ниту пригоден омаж за Тихо. Не бев и не сум кадарна да стокмам такво нешто, иако сум искусен филолог и беседничар.
Дозволете ми, за почеток, да споделам со вас една длабокоумна и необична изрека од нашето соседство – што дури неодамна ја открив. Таа изрека порачува: : “Живите им ги затвораат очите на мртвите, мртвите им ги отвораат очите на живите”! Веднаш помислив на нашиот Тихо кога ја прочитав – бидејќи тој непрестајно им ги отвораше очите на живите – додека неговите очи за навек и ненадејно се затворија.
Иако го познавам одамна – уште од времето на студиите по Општа и компаративна книжевност – кога во прво време бев негова асистентка, а недолго потоа и прва промоторка на неговата дебитантска книга „Обични зборови“ (во 1999 год) – кога се однесува до мене лично, јас Тихо го доживувам како Современ Трубадур – оти тој особено во последните години негува(ше) и практикуваше нагласен спој меѓу музиката и поезијата, од една страна – додека од друга страна, токму како средновековен трубадур ездеше и талкаше по многу места и помали градови низ Македонија, успевајќи таму да го пробуди и заживее локалниот ритам, но во исто време и локалното наречје и живописните дијалекти.
Тоа подеднакво Тихо го практикуваше и со сленгот на иселениците во Австралија, но и со јазиците од нашата југо-сфера, особено со хрватскиот и нему својствената ијекавица – така што, кога ја подготвувавме мојата нова книга, често општевме по телефон или во пораките на меил – токму на хрватски, еден кон друг обраќајќи си се со „Штована“ или „Штовани“, ама се’едно пишувајќи ги на кирилица нашите „ќ, ѓ“.
Уживавме да се шегуваме со слабостите и недостатоците на локалната книжевна и културна сцена, со сите простаци и етаблирани суртуци кои се замислуваат за величини и авторитети.
Така, на 2 декември 2025 год, по повод веста и честитката, што му ја упатив за наградата “Ацо Караманов” (за најдобар необјавен ракопис) – наместо одговор, Тихо ми ја прати оваа порака:
„Почитувана, штом почнаа да ми даваат награди – да не ми дошло времето за на оној свет?“
Тогаш, верувајте ми, се изнасмеав и си реков: ете, колку умее Тихо да биде откачен и позитивно непредвидлив, но нецели 2 месеци по тоа – оваа шега исцело ми преседна и јас навистина се’уште НЕ можам да се справам со суровата онтолошка вистина на Преминот, што му се случи на Тихо, но и сите нам кои ја знаевме неговата непомирливост, ненашетаност, неиздруженост, неизгушканост.
Изминативе денови и недели имав неодолива потреба (верувам, како и многумина тука) – одново да им се навратам на неговите песни, објави, како и јавни настапи. Одново да се состави мозаикот од Вистини. Едната од нив недвосмислено сведочи, дека дури и во најповолните прилики за тоа (како што е на пример естрадниот спектакл „Златна бубамара“ 2025) – Тихо на сцената настапи мртов сериозен и не кокетираше напразно со зборовите и слаткоречивите рими!
Нив органски не ги поднесуваше, како и блеферите од поети и амбициозни колекционери на државните книжевни награди и признанија! Многу му значеше и беше горд на тоа што неговите книги се бараат и се читаат меѓу луѓето – и тоа го сметаше за најзначајно признание на сопствената поезија, творечка искреност и вредност.

II дел

2. Обединети во болката и неверицата по ненадејното заминување на Тихо – ве канам на разговор и размислување – за јадиците од прашања и дилеми, коишто Тихо ни ги остави да се мрешкаат по книгите, интервјуата и морето од ФБ објави, што му беа утрински кафе – муабет со неговите бројни пријателКи.
Навистина, луѓето денес (и не само кај нас), често умеат да бидат особено великодушни кога некој ќе почине – не само од куртоазија, ами и заради тоа што веќе не се чувствуваат (лично) загрозени од мртвиот Поет и соперник! Некои од нив пак се нестрпливи што побргу да „лансираат“ и истакнат заеднички фотоси со починатиот автор и брзопотезен пристап во сенката на неговата (постхумна) аура.
Наместо тоа, ве молам сега да се навратиме на шесте клучни загатки (прашалници и симболички топоси) од неговите понови записи: животот -дар, антропоморфизација на животинките, мудроста како применето знаење, домот – куќата која сме ние, лекции по љубов ама и самотија и – смртта/стравот/небиднината.

1. ЖИВОТОТ дар
“Често забораваме дека секој нов ден на Земјава ни е дар, било да сме куќовни било бездомници.” – вели Тихо Јанчовски, ефектно претворајќи ја својата поезија во мудроносен исказ и повик за благодарност пред величествениот дар на самото наше постоење.
2. Антропоморфизација на ЖИВОТИНКИТЕ, натопена со искрена благонаклоност, топла љубов и „езоповска“ смисла за хумористични анегдоти – лилјакот Мбапе, кучката Колинда Грабар, миленикот ФЛОПИ Џонс, мачката Ашер Смит и др.
Таа антропоморфизација, за возврат, е проследена со симпатична и допадлива: зооморфизација на луѓето: односно, создавање на автобиографскиот двоец, како малото Мече (синот Антониј) и големата Мечка (таткото Тихо) – што на крајот заврши во прексрасна сликовница за деца, ама и возрасни.

3. МУДРОСТА КАКО ПРИМЕНЕТО ЗНАЕЊЕ

„ Како и да е, јас не се сметам себеси за мудар, да бев таков, ќе бев посмирен и животот ќе ми беше многу поубав. Не е мудрост само да знаеш некои работи, знаењето има смисла само ако е применето. А неговата примена често е спречена од силата на веќе оформениот карактер.”- порача Тихо Јанчовски во едно од последните интервјуа, свесен (и самокритичен) во врска со асиметричните влогови и лимитирани можности што ги има голото знаење визави егзистенцијалната мудрост (како дарба за негова практична примена).

4. ДОМОТ – „куќата која сме ние“

“Човекот не е ковчегот во кој го положуваат в гроб, ниту е телото кое се распаѓа, човекот е душа и тело, а телото се погребува, душата се сели. Не се сели целиот човек, не велам така, велам душата.Рајот и пеколот не се места кај што тече време… тие се состојби на душата што… ги живееме и во вечноста ќе се дружиме само со едната од нив, според тоа која надвладеала во куќата која сме ние”- сведочи Тихо Јанчовски, по којзнае кој пат ефектно претворајќи ја куќата во моќна метафора на нашето Јаство, во равенка на нашето постоење (наместо во малограѓански симбол на „успехот“ и материјален посед, како што е тоа најчесто денес во рамките на нашето потрошувачко општество).

5. ЛЕКЦИИ ПО ЉУБОВ – ама и САМОТИЈА –

Во последните години особено, песните на Тихо знаеја да бидат своевидни лекции на човек кој истовремено љуби и самува

„И така си лежевме, јас и ти
еден до друг, човек до човек
како две печени лепчиња
и јас бев ништо и ти беше ништо
и двајцата исто, а сепак бевме сè,
зашто Бог ни се радуваше
оти знаевме дека сме ништо
а сепак се сакаме“.
(Камен во водата, 2025)

„Ми фали човек
да си седиме
и да си молчиме
секој со своето …
Ми фали жив човек
оти просторот ми е преполн
со души од оној свет
често ги мислам.„“

 

6. СМРТТА, СТРАВОТ и НЕБИДНИНАТА –
Или: „Имам повеќе пријатели меѓу мртвите отколку меѓу живите“

Како ретко кој друг од нашите поети – Тихо имаше опсесивна потреба од дијалог со смртта, небиднината, во обид истата да ја превозмогне – било со помош на ефектни шеги и досетки, било со посредство на религиозниот светоглед, која сосема ја релативизира и поништува.
На едно место Тихо ја споделува дури и оваа дрско парадоксална констатација – дека стравот од смртта е всушност љубов кон небиднината:
„ Кој се плаши од смрт, ја љуби небиднината и ќе се смири дури кога ќе ја најде“ – Тихо Јанчовски.

Еден месец пред сопствената (ненадејна) смрт – Тихо повторно ја актуелизира смртта и во неа гледа дури и своевидна трансгенерациска одговорност, што ја имаме кон нашите претци и нивното спасение:
„Смртта е ништо, ако не се плашиш од неа, можеби ќе се спасиш. Ако се избориш со себе. Само таа борба ја признавам, се’ друго е болест и самобендисаност. Порок. Имам повеќе пријатели меѓу мртвите отколку меѓу живите. Прашањето е: кој е мртов кој е жив? Кој не го разбира животот, не знае дека од него зависи и спасението на сите предци, и се гледа како издвоена осамена точка што се препелка на премногу воздух, како риба на суво“ – Тихо, ФБ објава од 13 дек 2025 год.

Не можеме да се оттргнеме од впечатокот дека неговите песни и размислувања се срочени со претскажувачки тон, та нив денес ги разоткриваме како личен, но не помалку трагичен – мегдан на лирскиот субјект со Танатос. Но, не помалку од тоа – и некое самоисполнувачко Пророштво (како што е тоа случај во песната, под наслов „Староста може, а и не мора да се дочека“). Се разбира, постојат и други потресни сведоштва на лирскиот субјект во врска со таа ултимативна ранливост или „болест на смрт“ (како што ја нарекуваше данскиот филозоф С. Кјеркегор), мислејќи на самото наше постоење како болест на смрт – бидејќи тоа неминовно не’ води и завршува по тој онтолошки пат кон смртта.

“Имам 48 години
и нервозен човек сум
Од болести ми се чини
немам прележано уште
рак и клиничка смрт
се друго веќе ме снајде
особено во последнава петолетка („Игла и конец“).

Деновиве сосема случајно дознав дека во западните земји е воведена необична (и благородна) практика, што го носи називот: Death Walker !
Тоа се имено луѓе, кои доброволно ги придружуваат пациентите (со терминални дијагнози), и/ли нивните најблиски од семејството – овозможувајќи им достоинствено и во мир да го изодат крајот на својот овоземен пат. Овие луѓе се залагаат за нормализација на смртта како природен и свет дел од животот, смалување на стравот, подготвеност за мирен и свесен премин. Наместо молк и табу – навигација низ духовните аспекти на последното патување од човечкиот живот.
“Да се зборува за сопствената смрт – во култура, што на секој чекор
ја заобиколува смртта – бара емоционален напор од најдлабок вид. Оној што отворено зборува за сопствениот крај често е единствениот, што се држи до вистината…Неопходна е храброст за да се планира сопствената смрт – но, не како акт на предавање – туку како акт на сувереност и почит кон себе. Заговарањето на сопствената смрт е света работа”. – вели Пола Адамс, авторка на книгата (When Flowers Sleep, 2025). Покрај другото, Адамс порачува: We are all Deathwalkers (Сите ние сме Гласници на Смртта).
Читајќи го ова сведоштво – кај мене конечно се избистри помислата дека Тихо Јанчовски навистина беше своевиден Гласник на Смртта (Death Walker). Човек кој храбро чекори по својот сопствен пат кон смртта.

III дел

Своето јавно (поетско) деби Тихо Ј го имаше во 1999 година. Промоцијата, на неговата прва поетска книга „Обични зборови“ (во издание на Табернакул) се одржа на доста несекојдневно место, во Домот на АРМ, што, пак, од своја страна, воопшто не и’ попречи на бројната и главно млада публика, да надојде во голем број. Знам, си реков, блазеси му, речиси непознат (оти) дебитант, а веќе ужива толку верба кај читателите и има своја публика.
Тихо е еден од оние (екстровертни) литерати од луѓе, кои неуморно одржуваат жив контакт и свое постојано присуство во јавноста.
Благодарение на социјалните мрежи, кои (за разлика од некогашните книжевни списанија и гласила) повеќе не треперат пред строгиот и каприциозен табиет (или, евентуалните врски) со самобендисаниот и надмен уредник или издавач, Јанчовски ги објавува своите книги уште додека се во настанок и „на рати“, парче по парче, на тој начин, дополнително, одржувајќи го континуитетот на своето општење со читателите – цивилни пријатели или профи колеги!
Познат како ранобудник, немирен по дух (а, богами, и во физички нескротена смисла), Тихо е во постојан расчекор со своето благородно зададено име, кое асоцира на нешто спротивно одошто е тој самиот. И тоа е добро за поезијата, каква што е неговата, бидејќи таа се храни со Дијалогот, предизвикот на овде и сега, hic et nunc! Неговата поезија е еден work in progress, „директен“ пренос во живо од раѓањето песна, поетски днневник во настанок, обид за досегање внатрешен склад со светот и луѓето, кои веќе никој не може да ги „свари“ на едноставен и некогашен начин.
„Грд и непрокопсан е овој „народ“
Оваа транзициска рурбана помија“
Постојаното, внатрешно роморење, ноќното или при изгрејсонце точкање на звуци и зборови, љубопитното или намуртено мрморење на внатрешниот глас и дежурниот (24/7 буден) прашалник на Тихо, директно и веднаш, добиваат свој (лирски) портрет „на хартија“. Веројатно, од таа причина, Тихо и не припаѓа меѓу оние поети, кои немирно експериментираат со јазикот и стилот, односно, со чистата форма на поетскиот текст – бидејќи темелната појдовница и повод за настанокот на неговата песна попрво е содржана во насушната потреба за брза и непосредна комуникација, себе-соопштување, себе-исповедање, споделување, доближување, обраќање до Другиот (кој е неизоставен чинител на оваа, дијалогична сукцесија од поетски реплики и инсомнии), при што неуморно (и понекогаш дрско) избувнуваат (не секојпат пријатни) пораки и поенти на никаквецот од судбина, живот, болест, стареење, смрт.
Лирскиот субјект во поезијата на Тихо неуморно ги обзнанува своите, често сурови, но и шеретски „заклучоци“ – по горчливото проникнување во светот и темелната траума (тага) на животот.
Навидум груби и намерно рационални, во својата појавност, неговите песни, како и самата негова потреба за пишување, како да кријат една недозволиво ранлива душа, еден осаменик, премногу горд и маскулинизиран, за туку-така да ја распостила својата интимна карма, својата осуденост на постоење и самување во друштво.
Отаде, во песната „Тагата на Јов,“ лирскиот субјект посега по библиската приказна, само колку да ја видоизмени во „осврт“ за осаменоста, која се раѓа во отсуство на (осетот за) вечност: „Староста може, а и не мора да се дочека“.
Внатрешните струни кај него остануваат хронично напрегнати (што, е, можеби, идеален предуслов за творечки залет). Но, животот на штрек, од друга страна, ги засилува ежедневните тензии, типични за еден хаос од град и живот, како овдешниот и/ли балканскиот.

2.

Велат, дека во основата на секоја трагичка поезија стои проблемот на времето – човековото базично соочување (во стихови), справување со проточноста (која му го менува ликот, телото, мислите), која му ги ретчи блиските и драги луѓе (пријатели, роднини).
Поезијата на Тихо е како автоген тренинг по самување и
менаџирање на сопствената (и/ли туѓа) „болест на смрт“, „спортска“ објава на смртноста како наша животна неумитност – лирски тип менаџирање, кое, неретко, е изведено со асистенција на црниот хумор и гротескното претерување („прележав смрт без последици“) или низ подбивање со испразноста и површноста на ткн.малограѓански конвенции („луѓето си земаат обврска да бидат расположени“, кога одат на свадба).
„ Лани, умрев еднаш
Срцето престана да ми чука
и сиот побелев
Ми беше роденден…
прележав смрт без последици
Ми се случувало повеќепати
Ми се познава“

Во стиховите на Тихо, навидум острата и кавгаџиска интонација, зад себе, всушност, крие длабока ранливост, ранетост (чувство на оправдана и заслужена) самоказнетост, сензибилност, фрленост во постоењето, кое не би можело да се замисли себеси, без спасоносната топлина на другиот/другите (пред кои, барем однадвор, глуми самодоволност и мрзоволност).
Тоа наше, интуитивно засновано доживување, не само на лирскиот, ами и на граѓанскиот (или, цивилен) табиет на Тихо, сликовито може да се поткрепи, со редица огледни примери, но, и со неколкуте песни, од инаку шкртиот репертоар на (чисто) љубовна лирика кај Тихо: како за илустрација, да ги земеме песните „Куќа“ или „Ако заминам“– каде ултимативна куќа не е онаа (граѓанско) материјалната, туку интимно – персоналната и ексклузивна куќа, соградена само за една единствена жена, куќа со скриена шифра:
„Не сакам друга да влезе
во куќата што за тебе
ја направив од себе“.

Не помалку потресно, делува и впечатливата поетска слика на луѓето како подвижни гробишта на некогашните, денес, веќе, починати или, просто, закопани во себе љубови, како што порачуваат стиховите од песната „Љубовта умира…“
„Скоро секој од нас
носи во утробата
едни такви гробишта“.

Сепак, Тихо (за среќа на своите читатели и бројни, мрежни следбеници) не заборава долго на својата пословична ведрина, та затоа и описот на капацитетите за љубов, кај одделните суштества на планетава, ќе започне токму со оваа духовита (компаративно заснована) слика меѓу животните и нас, луѓето (можеби, оттаму, што самиот е по професија компаративист, што ќе рече, зависник и љубител на непредвидливи и зачудни споредби):
„Колку поголемо животното
има и поголемо срце:
слоновите се моногамни, китовите исто така
Големите животни се кадри
за поголема љубов,
исто и некои птици “
Силно присутна во песните на Тихо (а, со одминувањето на возраста, природно, и се’ повеќе нагласена) е дуалистичката (само)свест и искуство за постојаниот допир на Еросот и Танатосот, заемната проникнатост меѓу животот и смртта, безмалу љубовниот мост на световите, едниот, нам видлив и населен со живите и дугиот, „објективно“ невидлив, но, се’едно, преполн со мртвите души и живеачки:
„Кога се допираат овој и оној свет
Некој нов се раѓа или некој умира
Од тој допир живите плачат
Некогаш од среќа некогаш од тага
Секогаш од љубов “.

Лирскиот субјект во оваа поезија, сакал-нејќел лоциран на размеѓето од годините, чиниш како да (си) составува драгоцен (и не само за сопствени потреби) неопходен „прирачник“ за (стоички издржано и, затоа, успешно) справување со возраста (вклучувајќи ги, во истиот пакет, болеста и стареењето). Сепак, сето тоа, во основа, обесхрабрувачко и универзално искуство – Тихомир Јанчовски го изведува на лежерен и колоквијален начин, неоптоварен или подобро природен во својот човечки настап, ст(р)ав, однос и приод, кон оваа (и не само кај нас) табу тема и во време, кое е компулсивно (хистерично) обземено со прикривање и жигосување на самата возраст, божем станува збор за личен (исконски) престап или за некаков (тешко простлив) грев .
„Имам 40 години.Злодоба.
Уште млад да имам желби
Престар да ги остварувам
Дервишот и смртта… “

Во стиховите од оваа песна, мудроносните пораки од босанскиот писател Меша Селимовиќ вешто се претопуваат со бунтовните одгласи од култната балада на „Џетро Тал“- „Too Young To Die Too Old to R’n’Roll“ – откривајќи еден вистински и расен Балканец, кому подеднакво лесно му оди (и блиско му делува) сурфањето по „лектирниот“ андерграунд на Западот, како и мистичниот фатализам на Истокот, додека, потешкиот предизвик е содржан во онтолошката трагика и неумитноста на крајот, во крајот на самата „возраст“ како биолошка привилегија!
Гледано од реторички агол, исказот на Јанчовски останува едноставен, минималистички сведен (без присуство на разноразни вообичаени украси), транспарентен (приемчив до коска) – често обликуван во колоквијален, разговорен, навидум необврзан тон и стил. Станува збор за комуникативна (разговорна), исповедно обележана поезија на порамнување на интимните сметки со себеси (незаобиколно, во присуство на другите) и светот.
Покрај тоа, во стилската матрица на Јанчовски се негува склоноста кон афористички стил, но и кон („педагошко“) изложување на сопствената, неофицијална, искуствено здобиена мудрост, често и лежерно (пре)облечена во рувото на парадоксот.
„Живеам без возраст
И без власт
Врз она што е јас“.
Не само малограѓански наметнатата тиранија на возраста (типична за нас, „осудениците“, кои живееме во тесноградите и провинцијални средини), туку и тиранијата на егото „јас – па – јас“ моделот, е духовито разбиена во овие стихови, за сметка на Фројд, кој благовремено не’ предупреди „јас не е господар во сопствената куќа (ами слуга на двајца господари)“.
Токму заради тоа, лирскиот субјект е кадарен за отворена самоиронија и подбивање со себеси, дури и во најтешките мигови на болничката, пост-оперативна немоќ, кога посегнува по ефектната хомонимија на зборот „недвижнина“, воедно избран како наслов и на самата песна, во целост:
„Неподвижен човек сум, недвижнина“.
Покрај „граѓанскиот“ или урбано обоен спектар на теми од препознатливото скопско секојдневие, кои се воедно и омиленото мотивационо „алиби“ на неговите лирски „испади и исчекори“, не помалку допадливо и духовито делуваат и неколкуте мета-јазични песни на Јанчовски (и ним својствениот мета-текстуален „фронт“, отворен поради авто-референцијалното преиспитување на сопствената, книжевна бранша, а, по потреба, и рас-чинување (или, расчистување) на оние (божемни или wannabe) колеги, самонабедени уметници, односно, „малограѓански шутраци, празносламци и рекреативци“ (како што самиот поет инвентивно ги нарекува).
И така, изворно и „дебело“ налутен од прекомотната, или предемократска рамка на самиот збор „уметност“, Тихо се впушта, во нималку лесната битка за поголемо достоинство на Зборот, песната, литературата, која денес пречесто бидува корумпирана или киднапирана од амбициозните каприци за себе-промоција на поединци, кои не знаат (или не сакаат да знаат) за скромност и (естетска) вредност.

Можеби токму овде и сега е вистинско момент, да го привршиме овој неголем осврт кон делото на Тихо Јанчовски, можеби, најнемирниот или најзагрижениот трагач по смисла и одговор, меѓу нашите поети во времето на пост-транзиција. Имајќи ја можноста (привилегијата) да биде сведок (и современик) на две, сосема различни држави и општествени системи (или, времиња), кај него природно се преклопуваат конфронтативните искуства и афекти, што се логична и незибежна последица на таа, историски предизвикана „прекршеност“.
Тихо ги љубеше троделните единства („светите тројства“, својствени на православието). Затоа и неговиот поетски избор „Тихување“ од 2018 год беше структуриран од три дела (со грчко-имени лексеми): Етос, Логос и Патос – градејќи специфичен агол, визура или пресек на „епохалниот“ (пост)транзициски немир (што сите заедно го доживуваме и споделуваме).
Одговорите, што при тоа се обидува да ги даде оваа (на моменти, импулсивно „стокмена“ како анти) лирика, ангажираното преиспитување и провокативното „осило“ насочено кон граѓанската удобност и самобендисаност, произлегуваат од моменталниот и акутен табиет на лирскиот субјект, трајно распнат на творечкиот крст помеѓу горчината и ведрината, нихилизмот и идеализмот, самувањето и дружбата, агностицизмот и верата.
Во времето на општа криза на вредностите – решенијата ниту се лесни, ниту возможни – животот (како и писмото) и буквално се претвора во траен мегдан со апсурдот (и личниот намќорлак)!
Отаде, позицијата и одговорноста на оној, што во овие, цинично предодредени околности, се дрзнува да посегне по зборовите (а, потем, да ги „зароби“ во песна или книга), наспроти привидната леснотија на објавувањето денес, всушност, подразбира (доброволно) изложување на непредвидливо голем ризик!

IV дел или – ЗАКЛУЧОК

Јовица Ивановски, Тихо Јанчовски, Игор Исаковски претставуваат „света тројка“ (троица) на нашето урбано крило во поезијата!
Пркосно, слободарско, згадено од вулгарноста на малограѓаните и нивниот гол политички прагматизам, рокери по вероисповед, суштински осаменици иако окружени со многу луѓе наоколу, волци самотници кои потајум си ги лижат раните.

Се надевам нема да ми замерите, што на крајот ќе укажам на едно трагично совпаѓање на личната и творечка приказна на Тихо со онаа на Игор Исаковски. Оти – не само Игор, туку – на наша искрена жалост – и Тихо прерано замина не само ненадејно, туку и – “недочитан”.

За Игор и неговиот придонес говорев пред само 5 месеци, точно наспроти оваа зграда – во Институтот за македонската книжевност – потполно несвесна дека вечерва ќе се одигра тегобен чин на простување и со Тихо.

За крај – дозволете да ги споделам великодушните зборови на нашата Лидија Димковска – како завршна порака и утеха:
“Тихо за жал замина недочитан како Игор, ама Тихо ќе се чита, во тоа сум сигурна”.