„Шеин“ и „Тему“ го зголемуваат рекламирањето во Европа како одговор на американските царини


„Шеин“ и „Тему“, брзи платформи за е-трговија кои испорачуваат стоки од Кина, ги зголемија своите трошоци за дигитално рекламирање во Европа во април, покажаа податоците од фирмата за пазарно истражување „Сензор Тауер“.

Трошоците за рекламирање за „Шеин“ и „Тему“ најмногу се зголемија во Франција и Велика Британија во споредба со другите европски земји. „Шеин“ ја зголеми потрошувачката за 35 проценти во Франција и Велика Британија, додека потрошувачката на „Тему“ се зголеми за 40 проценти и 20 проценти на месечно ниво, соодветно, според податоците на „Сензор Тауер“ доставени до „Ројтерс“.

Зголемувањето на рекламирањето во Европа, која ги вклучува Франција, Германија, Италија, Шпанија и Велика Британија, доаѓа во време кога трговците на мало се справуваат со забраната на американскиот претседател Доналд Трамп за трговско ослободување кое претходно дозволуваше пакети во вредност помала од 800 долари да влезат во земјата без царина. Ослободувањето беше клучен фактор во брзиот раст на продажбата на облека од 12 долари и додатоци од 5 долари на „Шеин и Тему“ во САД, каде што обете компании го остваруваат најголемиот дел од нивната продажба.

Двете компании, кои испорачуваат стока од Кина, го намалија бројот на дигитални реклами во САД минатиот месец пред забраната „de minimis“ на 2 мај. Двете компании ги зголемуваат цените бидејќи трговските политики на Трамп ги ограничуваат евтините увози, а се очекува дека овие потези ќе ги намалат нивните маржи.

Дневната просечна потрошувачка на „Тему“ за реклами во САД на „Фејсбук“, „Инстаграм“, „ТикТок“, „Снеп“, „Икс“ и „Јутјуб“ се намали во просек за 31 процент во двете недели од 31 март до 13 април во споредба со претходните 30 дена, процени „Сензор Тауер“. Дневните просечни трошоци на „Шеин“ за реклами во САД на „Фејсбук“, „Инстаграм“, „ТикТок“, „Јутјуб“ и „Пинтерест“ се намалија во просек за 19 проценти во истиот период.

Шеин и Тему, исто така, префрлаат дел од своето дигитално рекламирање во Бразил. „Шеин“, која произведува стоки во Бразил за своите латиноамерикански пазари, ги зголеми своите трошоци за дигитално рекламирање за 140 проценти во април во однос на претходната година, во обид да се натпреварува со влезот на пазарот на „Тему“.