Шефовите на дипломатиите на ЕУ се состануваат. Ќе разговараат за војната во Украина

Брисел – Состојбите во Украина, Грузија и на Блискиот Исток и новиот Пакт за Медитеранот ќе бидат главни теми на денешниот состанок на Советот за надворешни работи на Европската Унија (ФАЦ), со кој ќе претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.
Советот ќе започне со разговор на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ со нивниот украински колега Андриј Сибиха преку видео конференциска врска, посветен на најновите случувања поврзани со руската агресија врз Украина.
По ова ќе следи дискусијата на европските министри за сите аспекти на поддршката на ЕУ за Украина, пред се за дополнително зајакнување на воената помош за Украина и нејзината одбранбена индустрија, како и за поддршката на глобалните напори на постигнување целосен и безусловен прекин на огнот.
На состанокот ќе стане збор и за зајакнување на притисокот врз Русија, вклучително и за постигнување договор за 18-тиот пакет санкции кон Москва поврзани со агресијата врз Украина, но и за мерки поврзани со руските хибридни активности и кршењето на човековите права во земјата.
Потоа, Советот ќе размени мислења за ситуацијата во Грузија и ќе ги разгледа можните рестриктивни мерки против Тбилиси како одговор на „растечката репресија од страна на грузиските властите“, вклучително и за приведување на опозициски лидери, ограничување на граѓанските слободи и стеснување на просторот за активисти на граѓанското општество и независните медиуми.
Во попладневното продолжение на состанокот, се очекува министрите да разговараат за состојбите на Блискиот Исток, пред се состојбите во Газа и за случувањата поврзани со Иран.
Дискусија ќе започне со информации за настаните во Газа и за напорите на ЕУ за подобрување на хуманитарната ситуација на теренот со целосно укинување на израелската блокада на Појасот и овозможување непречен пристап и континуирана дистрибуција на хуманитарна помош за цивилното население.
Се очекува Калас уште еднаш да ги повика министрите да постигнат консензус за понатамошни санкции против екстремистичките еврејски доселеници и субјектите и организациите што ги поддржуваат, како и против Хамас.
Советот, исто така, треба да ги разгледа најновите настани во врска со Иран, вклучително и за напорите на ЕУ за поддршка на Меѓународната агенција за атомска енергија во нејзиното следење и верификација на нуклеарната програма на Иран.
По ова, членовите на Советот ќе одржат дискусија на тема „Медитеран 2025: Пактот и реформата на Унијата за Медитеранот“, чија цел е да се даде нов поттик на ангажманот на ЕУ во медитеранскиот регион и на подготовката на новиот Пакт за Медитеранот, кој се очекува да биде презентиран претстојнава есен.
Покрај ова, предвидено е министрите да се осврнат на односите на ЕУ со Заедницата на латиноамерикански и карипски држави (ЦЕЛАЦ), на поддршката на Унијата за зајакнување на отпорноста на Молдавија, на состојбата во Сомалија, како и на соработката на блокот со Јапонија и Кина.
Пред почетокот на денешното заседание на ФАЦ, Калас ќе организира работен појадок со молдавскиот заменик-премиер и министер за надворешни работи Михаи Попшои, на кој ќе се разговара за случувањата во Молдавија, особено во светло на претстојните парламентарни избори.