Шефот на Меѓународната агенција за енергија предупредува дека глобалната економија е пред голема закана
Шефот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол, денеска изјави дека глобалната економија е соочена со „исклучително голема закана“ поради војната во Иран.
– Ниту една земја нема да остане имуна на ефектите од оваа криза доколку ситуацијата продолжи да се движи во овој правец – рече Бирол во австралискиот град Канбера.
Според него, кризата на Блискиот Исток има полоши последици за нафтата отколку двата нафтени шока во 70-тите години на минатиот век, а нејзините ефекти врз ситуацијата со гасот се полоши од последиците од руско-украинската војна.
– Ситуацијата е многу сериозна – предупреди Бирол и потсети дека нафтените кризи од 1973 и 1979 година доведоа до загуба на вкупно 10 милиони барели дневно, предизвикувајќи големи економски проблеми и рецесии ширум светот.
Тој укажа дека, сепак, денес се губат 11 милиони барели дневно, што е повеќе отколку за време на двата големи нафтени шока заедно.
Бирол наведе дека пазарите на гас, особено во Европа, по руската инвазија на Украина изгубиле околу 75 милијарди кубни метри, а досега, како резултат на оваа криза, е изгубено речиси двојно повеќе, односно околу 140 милијарди кубни метри. Тој додаде дека 40 енергетски објекти во девет земји ширум регионот се „тешко или многу тешко оштетени“.
– Кога станува збор за некои од виталните артерии на глобалната економија, како што се петрохемиските производи, ѓубривата, сулфурот, хелиумот, нивната трговија е прекината, што би имало сериозни последици по глобалната економија – рече тој.
Бирол информира дека Меѓународната агенција за енергија, со цел да ја ублажи кризата, пуштила на пазарот резерви од 400 милиони барели нафта, „што е историски настан“.
– Никогаш не сме пуштиле толку нафта на пазарите. Најважното решение за овој проблем е отворањето на Ормуската Теснина – порача тој.
Тој додаде дека се консултира со владите во Европа, Азија, Северна Америка и на Блискиот Исток за можноста за пуштање понатамошни резерви на нафта.
– Ќе видиме, ќе ги следиме пазарите. Ако биде неопходно, секако, ќе го сториме тоа, но ќе ги следиме и анализираме приликите и ќе го процениме пазарот во разговор со нашите земји членки – заклучи тој.