Шасивари кон Апасиев: Политичката критика е легитимна, но навредите кон функционери не


Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, го искритикува новиот министер за правда Јетон Шасивари дека не е ниту уставно, ниту законски, ниту етички министерот и претседателот на Уставниот суд да се среќаваат јавно или приватно, бидејќи ја доведува во прашање независноста на двете институции.Апасаиев во објава на Фејсбук насловена како  „Што беше тоа поделба на власта“ раскажа анегдота каков одговор добил екс премиерот Бранко Црвенковски кога побарал средба со тогашниот претседател на Уставниот суд Тодор Џунов.

-Сега покојниот професор Џунов, како тогашен претседател на Уставниот суд и како професор со авторитет од стар ков, му рекол на Бранко нешто што сите овие амбициозни новајлии немаат капацитет да го сфатат, сварат и разберат: Не бива уставен судија да се среќава со премиер. Оти, министеров нели е дел од втората/извршна/егзекутивна власт, а Уставниот суд  како четврта власт е надлежен да ги оценува и неговите подзаконски акти – па не е ниту уставно, ниту законски, ниту етички овие двајца мамлази да се среќаваат ниту јавно, ниту приватно! Ама на кој ќе му објаснуваш… Простоќа-глупоќа владее во секоја пора на ова забегано и корумпирано вмроидно општество, напиша Апасиев во објавата.

Шасивари му одговори на Апасиев дека Уставот не познава четврта власт, туку дека познава поделба, контрола и соработка и дека од пратеник и професор по право очекувал критиката да ја темели на Уставот и законите, а не на анегдоти од „правните кулоари“. Шасивари додава дека Устав не го определува уставниот суд како „четврта власт“.

-Уставниот суд е посебен и независен државен орган што ја штити уставноста и законитоста. Токму затоа, кога се зборува за поделба на власта, треба да се цитира Уставот, а не да се создаваат нови уставни категории. Никаде во Уставот не постои забрана претседателот на Уставниот суд да се сретне со министер за правда. Напротив, уставниот поредок не воспоставува институционална изолација, туку систем на поделба на надлежностите, независност и меѓусебни механизми на контрола и соработка. Средба не е одлука. Разговор не е наредба. Дијалог не е влијание – вели Шасивари.

Министерот вели дека Уставниот суд одлучува самостојно и независно, дека тој не може да му нареди како да одлучува, ниту претседателот на Уставниот суд може да му нареди на министерот како да ја води извршната политика и дека тоа е суштината на поделбата на власта.

-Но, да се тврди дека самото среќавање на двајца носители на јавни функции е неуставно, значи да се изедначи институционалниот дијалог со мешање во надлежностите. Тоа е погрешно и од уставен и од политички аспект. Ако следиме таква логика, тогаш претседателот на Уставниот суд не би смеел да разговара со претседателот на Собранието, со претседателот на Републиката, со претседателот на Владата, со судии, со претставници на меѓународни организации или со други институции само затоа што тие имаат различни уставни надлежности. Тоа не е поделба на власта. Тоа е институционална изолација – вели Шасивари.

Според него, политичката критика е легитимна, но навредите кон носители на јавни функции не се правен аргумент, а повикувањето на авторитетот на еден професор од минатото не создава уставна норма.