Шарл Мишел не знае што ќе се случи на самитот на ЕУ околу Македонија

Претседателот на Европскиот совет речи дека е вклучен во барање решение заедно со Франција: „Убеден сум дека ќе имаме позитивен развој многу брзо“


Работите да го одблокираме процесот за македонија и Албанија, рече Шарл Мишел

 

Сите работат напорно, но никој не знае каков ќе биде исходот од таа работа.

Вака лаконски би можел да се пренесе одговорот на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на прашањата дали е можен пробив за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Тој не знае што ќе се случи на Европскиот совет идната надела, но сите работеле напорно да се тргне бугарската блокада и да се најде решение прифатливо и за Софија и за Скопје.

Мишел на прес-конференцијата со претседателот Стево Пендаровски во Охрид, беше недвосмислен дека Македонија и Албанија треба што е можно поскоро да ги почнат преговорите со Европската унија,  затоа што тоа не е важно само за двете земји туку и за целиот регион воопшто, особено поради војната во Украина. Но и тој, како многумина други не знае дали Бугарија ќе го тргне ветото за Македонија, со кое посредно го држи во заложништво целиот регион.

„Војната во Украина отвори ново поглавје во европската историја и го стави проширувањето на ЕУ во преден план. Ќе упатам една јасна порака – ЕУ е цврсто посветена на вашиот влез во Унијата. Почетокот на преговорите со Македонија и Албанија треба да отпочне што е можно поскоро. Тоа е врвен приоритет и ги поддржуваме сите напори да се најде заедничко прифатливо решение за отвореното билатерално прашање со Бугарија“, рече Мишел.

Тој објави дека самиот бил активно вклучен во тој процес за наоѓање решение заедно со Франција и ЕУ. „Убеден сум дека ќе имаме позитивен развој многу брзо, што ќе биде секако многу важно за вашата земја и за целиот регион“, рече тој.

Најавувајќи го самитот меѓу ЕУ и Западен Балкан наредната недела Мишел рече дека тоа ќе биде одлична можност да разговараат и да се координираат во клучен и критичен момент од историјата.

„Сакаме и работиме да го одблокираме процесот за Северна Македонија и за Албанија. Не сум сигурен што ќе се случи на претстојниот состонок на Европскиот совет, но ќе направиме сѐ да бидат преземени одлучувачки чекори“, рече Мишел одговорајќи на новинарско прашање што содржи францускиот предлог за тргање на бугарското вето, кој, наводно постоел, според пишувањата на некои бугарски медиуми.

„Има фрустрација и недоверба на двете страни. Време е да се делува. Војната во Украина го забрза процесот. Сакаме да го одблокираме процесот за Северна Македонија и Албанија. Многу е важно да се одржува темпото и да се биде активен во процесот, рече Мишел.

Пендаровски рече дека ако има францускиот предлог тоа е интерна работа на ЕУ во рамки на на подготовката на заклучоците на Европскиот совет што Франција како претседавач со ЕУ треба да ги достави до сите земји членки.

„Заклучоците се далеку од готови. Ние не можеме да влијаеме. Тоа е работа на земјите членки. Сигурно е дека ќе има параграф за Северна Македонија, како и за други земји. За тоа се прашуваат сите земји членки, вклучувајќи ја и Бугарија“, рече Пендаровски.

Тој потсети дека веќе неколку месеци траат разговори меѓу министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, кои, како што посочи, се водат и во моментов.

„Денес разговаравме за тоа дека со пролонгирање на македонските евроинтеграции се разнишува кредибилитетот на Европската унија што истовремено значи и опаѓање на нејзиното влијание меѓу нашите граѓани. Условувањето од страна на земја членка кон земја кандидат за членство од билатерални причини не само што флагрантно го прекршува ветувањето за европска иднина на земјите од западниот Балкан, туку може и целосно да ја компромитира политиката на проширување и да прерасне во опасен преседан кој ќе стави крај на овој процес кој со години беше сметан за најдобра надворешна политика на Унијата“, истакна Пендаровски.

Од пресот на двајцата претседатели

Македонскиот претседател истакна две важни работи за врските на земјава со ЕУ: „Наспроти реалните разочарувања и заморот од чекањето за пробив на европскиот пат, за нашата посветеност, меѓу другото, најсилно зборуваат две работи: од една страна, нашето целосно, 100-процентно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и приклучување кон сите пакети на санкции кон Руската Федерација, а од друга – Европската унија и понатаму е нашиот далеку најважен трговски партнер, обезбедувајќи поддршка и финансиска помош за спроведување на неопходните реформи. Остануваме во исчекување на заедничкиот состанок на лидерите на Европската унија и на Западниот Балкан, кој ќе се одржи 23 јуни во Брисел, а за кој мојот денешен гостин исцрпно ме информираше“, нагласи Пендаровски.

Македонскиот претседател не сакаше да ја коментира политичката криза во Бугарија и шансите да падне владата на Кирил Петков. Тоа се внатрешни случувања во Бугарија, рече Пендаровски и „не сакам да ги коментирам, како што не би сакал некој друг да ги коментира случувањата во земјава“.

Мишел и Пендаровски на средбата разговарале и за предлозите за „европската геополитичка заедница“.

„Ќе бидам јасен ова не е алтернатива за проширувањето за земјите. Убеден сум дека овој процес ќе ни овозможи да ја продлабочиме и да ја унапредиме соработката. Исто така ова ќе биде еден поттик за соработка и меѓу партнерите со ЕУ“, истакна Мишел. (Н.В.)