Шара ќе ја соголат додека ја прогласат за национален парк
Тетово – Складирани стотици кубни метри дрва, исечени стебла, уништени шумски предели за да се пробијат диви патишта. Фотографии со ваква содржина објавија планинари на социјалните мрежи, како реакција на изјавите на политичарите дека има потреба да се прогласи Шар Планина за национален парк. Планинарите алармираат и реагираат дека ако треба да се спаси природата тоа треба што поскоро да се направи за да спречат ваквите слики.
– Пред неполн месец го искачив Доброшки врв, немаше ниту една камара со дрва. За тоа време направено е пустош – вели еден од планинарите во објаснување на фотографиите.
– Поминува тешката механизација, се сечат сите дрва, се уништува монструозно сè што требало да биде заштитено подрачје, за да се произведе 1 kW и да може комотно да поминат 500 овци – вели планинарот Јовица Рафајловски кој снимил уништен предел кон врвот Бориславец.
Во саботата министри, градоначалници и амбасадори прошетаа низ Шар Планина во рамки на кампањата за потребата да се прогласи национален парк.
– Работите привршуваат и во наредните месеци очекуваме прогласувањето да се реализира. Таа динамика коинцидира со процесот на започнување на преговори со што даваме две пораки дека политички созреавме да станеме дел од Унијата и се доближуваме на европските стандарди за заштитено подрачје – изјави во саботата вицепремиерот Бујар Османи
Со прогласување на Шар Планина за национален парк сегашните девет проценти заштитена зона би се зголемило на 12 проценти.