Шанса за Центар: Кај „Треска“ се случува „помирување“ со нелегалните урбанистички планови


Наместо квалитетно планирање на просторот кај „Треска“, добиваме помирување и нормализирање на урбицидот, посочуваат во соопштение до медиумите од Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, по вчерашната најава дека на овој простор во центарот на Скопје би можеле да се издаваат градежни дозволи според постојниот, оспорен Детален урбанистички план.

„Да имавме вчера прес-конференција на градоначалникот на Општина Центар на која ќе објавеше започнување на реализација на квалитетно решение за ‘Треска’, добиено со Урбанистичко-архитектонскиот конкурс ќе бевме задоволни како напредуваат работите. Иако овој локалитет нуди извонредни услови за нови содржините кои ќе му донесат специфичен квалитет на неговите идни корисници, но и на општината Центар, денеска шансите потенцијалот ќе биде искористен се сѐ помали“, се вели во реакцијата.

Од „Шанса за Центар“ велат дека впечатокот од вчерашната прес-конференција е дека наместо квалитетно планирање на просторот добиваме помирување и нормализирање на урбицидот, како и помирување со планирањето на градот од страна на инвеститорите, а не на урбанистичките стручњаци и помирување со спроведување на урбанистички планови кои се незаконски, помирување со наследството од „лошите планови на ВМРО-ДПМНЕ“ против кои се протестираше.

Од таму додаваат дека станува збор и за нормализација на принципот дека јавниот интерес во планирањето на градот е работа на некој друг, а не на институциите, дека местото на зеленилото е на планините, но не и во градовите, помирување дека треба да живееме во натрупан град без доволно простор за движење и минимум квалитет на живот, како и нормализација и предавство на правната држава, со принципот „важно се гради“.

„Идејата за изработка на Урбанистичко-архитектонски конкурс беше да го вратиме вистинското значење и вредноста на струката планирање и проектирање, онака како што е секаде во светот, а било пракса и кај нас. Конкурсот отвори можност за урбанистичкото планирање со покреативни, компетитивни решенија и размислување преку проекти, а не сурово шпекулантско – инвеститорско планирање и градење. За конкурсот се издвоија средства од општинскиот буџет, се направија стручни комисии за избор и се наградија трудови. Но, сегашната општинска власт со сите сили сака да ги оспори, па дури и да ги скрие од јавноста овие наградени конкурсни решенија кои требаше да бидат основа за нов ДУП за Треска“, велат од „Шанса за Центар“.

Граѓанската иницијатива додава дека измина речиси една година како актуелниот градоначалник одбива да организира јавна презентација на проектите добиени од конкурсот кои тој ги оквалификува како „неспроведливи“, иако зад нив стои стручна комисија.

„За жал, повторно шпекулантско – инвесторскиот урбанизам победува, а Скопје ја губи можноста за нови и современи решенија во просторот, за зачувување на зеленилото кое веќе постои и простор наменет за граѓаните, а не само профит за инвесторите“, велат од „Шанса за центар“.

Притоа, се додава дека додека се развлекуваат постапките за изработка на нов план, наместо да се разработи најдоброто оценето решение од конкурсот, инвеститорите испраќаат барања за откуп на делови од државното земјиште во „Треска“ за дооформување на парцелите според урбанистички план кој е нелегален.

Потоа врз основа на сопственоста врз земјиштето тие ќе бараат да им се овозможи градење во обем кој ќе биде најмалку еднаков како оној од урбанистичкиот план со предвидените згради „наполитанки“. Тоа впрочем им го овозможува и последната измена на Правилникот за урбанистичко планирање која нетранспарентно во мај годинава ја донесе министерот за транспорт и врски. Правилник кој им донесе мирен сон на инвеститорите, се вели во реакцијата, при што се додава дека системското уништување само продолжува со изјави дека моменталниот план е важечки, занемарувајќи ги сите претходни активности и конкурсот за ново планирање на ф-ката „Треска“.

„Европските вредности за владеење на правото се сѐ подалеку во локалните случувања. Демократските принципи за вклученост на граѓаните во креирање на решенија за квалитетна градска средина речиси не постојат, а со тоа и довербата во системот“, се вели во реакцијата на „Шанса за Центар“.