Јавно обвинителство: Гласањето е генерално мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес


Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, денешниот изборен ден на кој се гласа за втор круг Претседателски и за Парламентарните избори до овој момент поминува генерално мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес, изјави јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на Привремената комисија на Јавното обвинителство за следење на евентуални кривични дела против изборите и гласањето како и други изборни нерегуларности.

Од почетокот на гласањето утрово, рече тој, до јавните обвинителства и на посебната електронска адреса [email protected] не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места кои би имале елементи на кривично дело.

Посочи на нерегуларности вчера за кои во Основното јавно обвинителство Велес е оформен предмет против две лица по пријава на Секторот за внатрешни работи.

-При претресот кај едниот е пронајдено поголемо количество оружје, додека кај другиот е пронајдено едно парче оружје. За лицето кај кое е пронајдено поголемо количество оружје, на предлог на јавниот обвинител, Основниот суд Велес веќе има изречено мерка притвор, додека за другото лице постапката ќе биде редовна и наводите за евентуален поткуп при избори дополнително ќе се проверуваат од страна на Јавното обвинителство. Доколку се обезбедат докази, секако дека ќе следува обвинение и за тоа кривично дело, истакна Бајрами. 

Посочи дека имало известувања за сомнение за поткуп на гласачи за Охрид и Крива Паланка, меѓутоа до овој момент, рече, за овие настани не е поднесена кривична пријава до надлежните обвинителства и доколку биде поднесена кривична пријава, обвинителствата веднаш ќе преземат дејствија за проверки на наводите во пријавите.

-Во овој момент станува збор за мал број настани кои би можеле, евентуално, да имаат обележја на кривично дело, па може да се даде една генерална оценка дека целиот изборен процес до овој момент поминува без поголеми нарушувања од аспект на јавнообвинителското постапување, истакна Бајрами.

Привремената комисија на Јавното обвинителство продолжува да го следи текот на гласањето и е отворена е-адресата за евентуални пријави за сомнение за кривично дело што може да го наруши изборниот процес. 

Во сите основни јавни обвинителства денеска се организирани вонредни дежурства и оваа Комисија се координира и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес.