Кај нас нема повеќе од спорните вакцини за БСЖ, понатаму ќе се вакцинира со јапонски

Оваа една година ќе биде доволно за да има евиденција и од Хрватска и од Македонија дали тие несакани дејства може да се поврзат со вакцината од Бугарија или не


Вакцинирање дете Фото: (Б. Богдановска)
Министерот за здравство, Сашо Клековски во денешната изјава за мeдиуми, во врска со сериите на БСЖ вакцината ја информира јавноста дека станува збор за серии бр. 6831 од 22.12.2022 година и серија број 807-1 од 11.12.2023 година. И двете серии се целосно искористени до летото оваа година.
 
-Во нашата држава нема документирани несакани ефекти поврзани со примена на овие серии. Министерството, заедно со надлежните институции, спроведува дополнителни анализи, а јавноста ќе биде навремено информирана за нивните резултати. Министерството за здравство ќе обезбеди непрекинато продолжување на вакцинацијата со БСЖ вакцина, во соработка со УНИЦЕФ. Ги повикуваме родителите да продолжат со редовна вакцинација на децата според Календарот за имунизација. Вакцинацијата останува најсигурната заштита за здравјето на нашите деца, потенцираше министерот Клековски.
 

Клековски, кој рече дека дале упатство за прекинување на вакцинацијата со бесеже на новородените деца во сите болници во кои се врши вакцинација со вакцината од производителот од Бугарија, а за која во Хрватска се тврди дека предизвикала несакани ефекти. За да обезбедиме континуитет на оваа важна вакцина, денеска, посочи министерот, постигнавме согласност со УНИЦЕФ за обезбедување едногодишни количини од јапонски производител, значи во тек сме со набавка на вакцини од Јапонија.

– Ги има во депо и ќе организираме што побргу да бидат транспортирани во Македонија за да обезбедиме континуитет на вакцинацијата со оваа вакцина кај новородените деца. ​Кај нас праксата е оваа вакцинација да се прави при исписот од родилиштето, меѓутоа во основа таа може да се направи и подоцна, така што нема да има несакани ефекти од одложување на вакцинацијата со бесеже. ​Треба да ѝ се заблагодарам многу на Комисијата за имунизација оти со брза реакција и во разговор со УНИЦЕФ се обезбедува да продолжиме со вакцинацијата, а родителите да немаат сомнеж дека можеби се употребуваат вакцини што предизвикуваат несакани дејства. Оваа една година ќе биде доволно за да има евиденција и од Хрватска и од Македонија дали тие несакани дејства може да се поврзат со вакцината од Бугарија или не и да видиме како в година ќе ги поставиме работите – истакна Клековски.

Претседателот на Комисијата за имунизација, проф. Александра Грозданова, истакна дека Хрватската агенција за лекови и медицински производи (ХАЛМЕД) излезе со ново соопштение сè уште потврдувајќи дека нема директна асоцираност меѓу вакцинацијата и појавата на остеомиелитис.

Таа потенцира дека и тие истражуваат и исто како и ние, овие мерки превентивно ги применуваат.

– ​Кај нас во последните две години има 16, 17 илјади живородени деца. Во принцип оваа вакцина треба да се прими веднаш по пуштањето од родилиштето, би очекувале дека до 15.000 деца годишно ја имаат примено оваа вакцина. ​Во соработка со Агенцијата за лекови и медицински средства на Македонија (МАЛМЕД) се истражуваат сериите што се активни кај нас, кои сега ги користиме, односно се користеле до вчера, и немаме пријавено несакани реакции. Во однос на клиничкиот тек, остеомиелитисот може да се јави и од други состојби, далеку дека е само од вакцинацијата, и може да се јави и неколку недели по примањето на вакцината, па и до неколку години. Значи, временскиот период на асоцираност е многу долг за да може да кажеме. Будно се следи секоја од несаканите реакции што ќе биде пријавена – рече д-р Грозданова.

Одговарајќи на новинарско прашање, таа рече дека во моментот привремено е прекината вакцинацијата со бесеже-вакцината, исто како што е во Хрватска, додека не потврдат каузалност, тоа значи причинско-последична врска дека навистина по примањето на вакцината се јавува оваа несакана состојба, во овој случај остеомиелитисот.

– Следната недела, по добивањето на информациите за сериите и во разговор со педијатрите дали некоја од овие состојби е пријавена кај децата, ќе донесеме препораки соодветно. Нема да ги оставиме децата да бидат невакцинирани и затоа овој чекор со УНИЦЕФ ни дава комоција дека и натаму ќе имаме континуирано снабдување и вакцинирање – рече д-р Грозданова.

Таа појасни дека Македонија влегува во високоризичните земји во однос на туберкулозата. ​

На прашањето што со децата кои сега треба да примаат вакцина, земајќи го предвид одложувањето од страна на некои од родителите, и каде оваа вакцина ќе треба подоцна да се прими ако не е во родилиште, Клековски одговори дека станува збор за прекин од седум до 10 дена, дека не зборува за прекин што ќе трае со месеци.

– Штом биде достапна вакцината во Македонија, ние ќе дадеме натамошни упатства за начинот на дистрибуција и за вакцинација. ​Во моментот дадовме налог да се пребараат сите случаи наназад четири години, да се побараат и нерегистрираните случаи на остеомиелитис за да се види дали го има, за кој нема сомнеж дека е поради несакано дејство. Значи, ги истражуваме и тие надвор од она што имаме пријавено во минатиот период за да видиме дали, ако има кај нас случаи, можеме да ги поврземе со употребата на таа вакцина или не.  Анализата на случаите нема да ја врши само МАЛМЕД, туку ќе ја вршиме и ние како Министерство, бидејќи сакаме да се опфатат сите елементи, додаде Клековски.

 

Што е БСЖ вакцината и од кога се користи

БСЖ е кратенка од Бацил Калмет-Герен, според француските научници Албер Калмет и Камил Герен, кои ја развиле вакцината на Пастеровиот институт. Станува збор за жива, ослабена форма на бактеријата што предизвикува туберкулоза кај говедата. Првпат била дадена на човек, новороденче во Париз, во 1921 година, што ја прави една од најстарите вакцини во широка употреба.

Во Македонија БСЖ се дава од 1948 година, покажува прегледот на историјата на вакцинацијата на Институтот за јавно здравје. Таа е првата вакцина во календарот: се аплицира во родилиште, најдоцна 72 часа по раѓањето, а вакцината од „Булбио“ кај нас се користи повеќе од 20 години.

Од што штити, а од што не?

Вакцината не спречува инфекција од белодробна туберкулоза кај возрасните. Нејзината главна вредност е заштитата на малите деца од најтешките форми на болеста: туберкулозниот менингитис и милијарната туберкулоза, кога бактеријата се шири низ целото тело.

Холандскиот национален институт за јавно здравје во своите насоки наведува заштита од 50 до 70 отсто од сите форми на туберкулоза кај новороденчињата и од 75 до 90 отсто од менингитисот и милијарната форма, во траење од околу десет години. БСЖ не искоренува ниту една болест. Нејзината улога во јавното здравје е поскромна и практична: детето што ќе се зарази во првите години од животот многу поретко завршува со форма што убива или остава трајни последици.

Туберкулозата во Македонија не е минато

Министерството наведува дека Македонија е земја со висок ризик од туберкулоза и затоа вакцинацијата е задолжителна. Во Институтот за туберкулоза моментално има 95 пациенти, од кои 83 се регистрирани годинава. Во детската клиника „Козле“ лани имало 15 случаи, а годинава 12 нови, од кои три деца во моментов се хоспитализирани.

Сите тие случаи се или кај невакцинирани деца или кај деца со непознат вакцинален статус, изјави Грозданова. Тоа е и главната разлика во однос на Хрватска, на која укажала и Комисијата: таму туберкулозата е ретка, а Македонија е ендемско подрачје.

Глобално, туберкулозата и понатаму е меѓу најсмртоносните заразни болести. Според извештајот на Светската здравствена организација од ноември 2025 година, во 2024 година со неа се разболеле околу 10,7 милиони луѓе, а починале 1,23 милиони.

Колку деца се вакцинирани: официјален податок нема од 2018 година

Проценките на СЗО и УНИЦЕФ за опфатот со БСЖ вакцинацијата во Македонија се движат меѓу 93 и 99 отсто од 2014 до 2018 година. Од 2019 година земјата не доставила податок за оваа вакцина, па бројката од 93 отсто за секоја наредна година е само продолжување на последната пријавена вредност. Во ревизијата од јули 2026 година двете организации препорачуваат анкета за проверка на опфатот.

Контекстот е загрижувачки. Според Институтот за јавно здравје, во 2025 година ниту една вакцина од редовниот календар не достигнала опфат од 95 отсто, а кај МРП вакцината опфатот бил само 62 отсто.

Што следува за бебињата што не ја примија вакцината?

Комисијата појаснува дека БСЖ може да се даде без претходно тестирање во текот на целата прва година од животот. Ако детето нема евиденција дека ја примило вакцината по првата година, се прави Манту кожен тест и, ако е негативен, се дава вакцината. За бебињата што се испишуваат дома во семејства со потврден случај на туберкулоза, Грозданова најави упатства од Институтот за туберкулоза.

Ако МАЛМЕД потврди поврзаност со хрватските случаи, ќе мора да се бара друг производител. Таков избор речиси и нема: Грозданова рекла дека производителите на БСЖ се ограничени и дека пред години постоел само уште еден, од Полска.