Студентскиот оброк од 3.500 на 4.500 денари преку М-Услуги, но парите да се трошат за храна, а не за алкохол и цигари, предлага Мицкоски


Фото: Б. Грданоски

Студентскиот оброк наместо сегашните 3.500 денари би можел да вреди 4.500 денари месечно преку нова услуга во апликацијата М-Услуги, со која средствата би се користеле исклучиво за купување храна. Овој предлог го најави премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претставници на студентските парламенти од универзитетите во Македонија.

Мицкоски објасни дека постојат сомнежи оти дел од студентите средствата наменети за оброк ги користат за други потреби. Затоа, наместо исплата преку дебитни картички, се предлага воведување посебна услуга во М-Услуги, преку која студентите би купувале храна во ресторани, маркети и други угостителски објекти.

„Имаме чувство, но и делумни информации дека голем дел од корисниците на студентскиот оброк, средствата коишто ги добиваат на дебитните картички не ги користат токму за студентски оброк, туку ги користат за нешто друго. По промоцијата на новите услуги, М-Услуги, излеговме со еден предлог со министерката: наместо картички и сегашните 3,5 илјади денари месечно, бидејќи студентите добиваат по 140 денари за 6 дена во неделата, и тоа е речиси три ипол илјади денари месечно, ајде да направиме на ова апликација М-Услуги да додадеме М-Студентски оброк, со коишто вашите 3,5 илјади денари сега што ги добивате ќе вредат 4,5 илјади денари. И притоа ние, користејќи ја таа апликација, да обезбедиме список на ресторани, маркети, млечни ресторани итн. каде што вие навистина ќе можете користејќи ја таа апликација да купувате храна, бидејќи станува збор за студентски оброк. Да не се трошат за алкохол за цигари или некои други девијантни однесувања“, го образложи премиерот Мицкоски предлогот до студентите.

Според предлогот, со вклучување на трговците и обезбедување попусти од 20 до 25 проценти, студентите би добиле поголема вредност за средствата што ги користат. Попустите би важеле и по искористувањето на месечниот студентски оброк, до крајот на месецот. Апликацијата би користела и вештачка интелигенција за да се обезбеди парите да се трошат исклучиво за храна.

Премиерот очекува студентските претставници да се изјаснат за предлогот на следната средба, по што би можеле да започнат подготовките за негово спроведување.

На средбата било разговарано и за подобрување на студентскиот стандард преку изградбата на кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“ и реконструкцијата на студентските домови. Мицкоски рече дека, според разговорите со студентските претставници, стандардот во 2026 година е двојно подобрен во споредба со 2022 година.

Сепак, тој посочи дека останува предизвикот за подобрување на позицијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Шангајската листа, повикувајќи ги студентите и институциите заеднички да работат на унапредување на квалитетот на високото образование.