Села уште го чека исходот на судската битка за печатите на Алијанса за Албанците


Фото: Б. Грданоски

 

Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, денеска одговорајќи на новинарско прашање за тврдењата на Арбен Таравари дека ги има печатите, одговори дека уште сѐ чека на исходот во врска со печатите на партијата.

„Вие сте ги слушнале изјавите на Тараври дека вршиме притисоци. Јас прашувам кој е тој што врши притисоци? Алијанса за Албанците не врши притисоци.

Таравари тврдеше дека партијата не е печатот, седиштето или возилата кои ги има партијата, туку народот“.

Сега, кога ги загуби и членството и народот преку гласови, и на претседателски и на парламентарни избори, кога загуби во неговата општина, на неговото гласачко место, вели дека ги имал печатите на партијата.

Оваа партија не е формирана од фотелји. Оваа партија е формирана преку членството на партијата, преку активизам во секое село, населба“, изјави Села пред почетокот на Централното собрание на партијата.

Според Села, самиот факт што во програмата на Владата нема ниту еден збор од програмата на „Вреди“, докажува дека Алијанса за Албанците не е во коалиција со „Вреди“, туку таму е само Таравари.

Села додаде дека целта е Тараври да стане министер за здравство и да ги остварува неговите лични интереси и интереси на луѓе кои го опкружуваат.

„Неговата цел е да биде само Арбен Таравари и никој друг. Можеби се движи во насока да биде потпретседател на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, тоа е негов личен избор. Алијанса за Албанците секогаш кога била дел од власта, но и во опозиција, знаела да остварува делови од политичката платформа“, вели Села.

Села додава дека Таравари разрешува директори Албанци, укинува договори на граѓани кои носат плата дома а од друга страна, посочува, приоритет му е паркингот во Клиничкиот центар.

„Ние сме навикнати на вакви специјални војни кои се прават меѓу нас, бидејќи и во минатото имаше такви муабети, дека од Алијанса за Албанците ќе излезе овој или оној пратеник. Во тоа ништо немаше вистина, и за жал излезе претседателот на партијата“, рече Села. Тој потврди дека Алијанса за Албанците останува во Европскиот фронт.