Села: Таравари е марионета на ВМРО-ДПМНЕ


 

Зијадин Села од Алијанса за Албанците (АА) синоќа  го повтори својот став дека партијата треба сама да настапи на претстојните избори. Како што истакна во гостување на „24 Анализа“ на ТВ 24, Арбен Таравари работел на уништување на АА и бил користен како марионета на ВМРО-ДПМНЕ.

„Стојам на ставот дека треба сами да одиме на избори и против сум самоволието во една партија. Нема да дозволам тоа да се случи во моментот кога јас сум претседател на Алијанса. Чинителот кој доведе до таква ситуација во Тетово е Таравари. Кога делуваш политички по наредби, не може да се спречи разединување и тој работи на уништување на Алијансата“, кажа Села.

Најважно според него било партијата да биде и остане обединета, а во наредниот период ќе се разјаснеле многу работи.

„Се договориме со Таравари дека на изборите Алијанса ќе оди сама и потоа се случи тоа. Не знам кој раководел со Таравари, сега Алијанса се враќа на патот“, потенцира Зијадин Села.

Села демантира дека го поддржува кандидатот на ДУИ за претседател на државата. Тој рече дека Таравари ја имал неговата целосна поддршка ако излезеше како кандидат на Алијанса, но од моментот кога дезертираше, тој не е кандидат на Алијанса.

На Таравари му порача дека не му доликува да ја шверцува партијатата за нечии интереси, а не ни заслужува да се нарекува претседател на партија.

Судот, вели Зијадин Села, ќе решава кој ќе биде формално лидер на Алијанса за Албанците. И Села и Таравари се колнат дека тие се легитимен претседател. Канцелариите ги поделија, но печатот сѐ уште не го дава никој.