Села ја доби судската битка со Таравари за печатите


Фото: Б. Грданоски

 

Првата првна битка за печатите на Алијансата за Албанците ја доби крилото на Зијадин Села. Така одлучи судот во Тетово. Крилото на Арбен Таравари ќе вложи жалба на пресудата.

Оваа информација за одлуката на судот во Тетово доаѓа во последниот ден од рокот кога треба да се достават кандидатските листи за паралемнтарните избори. Јасно е дека поради жалбената процедура групацијата на села ќе мора да остане во коалицискиот договор со ДУИ во „Европскиот фронт“ и да биде на заедничките листи, а не како што сакаше претходно – самостојно да настапува на изборите.

„Судот одлучи дека нашето барање за регистрација на Зијадин Села за претседател на Алијансата за Албанците е прифатено. Со оваа одлука се известени сите странки и сега и официјално претседател на АА е Зијадин Села“, велат од службата за односи со јавност на партијата.

По ова се огласи Арбен Таравари на Фејсбук:

„Велат денес ги добиле печатите на Алијансата за да им ги дадат на ДУИ. Дури и ако е точно ќе се жалиме, но дури и ако ги земат со заробениот систем што го имаат, имам прашање… што е со народот?! Народот не може да го освои со ниту еден суд. Промената започна и нема печат што ќе ја запира“,напиша Таравари.

Алијанса за Албанците се подели откако претседателот Арбен Таравари ги повика партиските тела да го поддржат во одлуката за заеднички изборен настап со опозициските партии на Албанците. На ова се спротивстави Зијадин Села, кој претседател на Централното собрание. Двете крила потоа одржаа посебни конгреси, а судот сега донесе одлука кој е легитимен лидер.