Села денес ќе избира меѓу печатот и ДУИ


Алијанса за Албанците на Зијадин Села денеска треба да донесе конечна одлука дали ќе се приклучи на една од албанските коалиции или нема да настапува на овие избори. Причина за ваквата ситуација е судскиот спор со кој треба да се донесе конечна одлука на кого му припаѓаат печатите на партијата. Веќе се шпекулира дека паднал договор за заеднички настап со ДУИ, а Села си обезбедил и четири пратенички места, односно пет пратеници доколку коалицијата на изборите освои над 20 мандати.

Доколку се приклучи кон коалицијата предводена од ДУИ, неофицијалните информации се дека тој ќе биде носител на листата во ИЕ 5, а кандидатите за пратеници од Aлијанса, со оглед дека нема да го имаат потребниот печат од партијата, ќе бидат запишани како независни кандидати. Доколку се испостави дека ваквите шпекулации се вистинити тоа ќе значи дека Села ќе биде во коалиција и со лидерот на ДПА, Мендух Тачи, со кого имаше сериозни несогласувања и откако ја формираше фракцијата Движење за реформи во ДПА, ја напушти партијата и ја формираше Алијанса за Aлбанците.

По информациите дека крилото на Зијадин Села може да коалицира со ДУИ, од опозициската коалиција ВРЕДИ порачаа дека Села и Кренар Лога смислиле евтино алиби зашто ќе одат спротивно од волјата на мнозинството Албанци.

„Арбен Таравари јавно им ги понуди печатите на Алијанса на Албанците ако навистина се определени за самостоен настап на изборите. Зијадин Села не се изјаснува за оваа понуда бидејќи знаеме дека одамна е договорен да служи исклучиво на интересите на Али Ахмети. Затоа и го направи расколот во АА“, велат од ВРЕДИ.

Освен Села и ВМРО-ДПМНЕ, другите партии веќе ги финализираа своите коалиции. Од поголемите политички партии во овој блок социјалистите, според најавите ќе  добијат две пратенички места, едно место на добитна позиција ќе има за првиот човек на српската партија Иван Стоиљковиќ , додека Павле Трајанов со неговиот Демократски сојуз и Стојанче Ангелов со „Достоинство“  нема да добијат пратеничко место. Неодамна на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ се вратија ТМРО на Ванчо Шехтански, и Петар Богојевски со Македонски концепт и  Љубе Бошковски. со неговата партија.

СДСМ вчера исто така потпиша договор за соработка со НСДП, ЛДП, Партијата за движење на Турците, Партијата на пензионери, ДОМ, ВМРО НП, Демократски сојуз на Власите во Македонија, ПОЕН, Сојуз на Ромите во Македонија, Десница, Партија за демократски просперитет на Ромите, СДА. Нивната коалиција ќе настапи под името „Коалицијата за европска иднина“.Сите овие политички партии и досега без дел од власта. Пратенички места се очекува да добијат НСДП, ЛДП, ДОМ ако има добар резултат како и ВМРО-НП и Партијата на Турците.

Во Европскиот фронт што го предводи ДУИ влегоа ДПА на Мендух Тачи, Европската демократска партија на Арјанит Хоџа, партијата ПОПУЛИ, Демократската партија на Турците на Бејџан Илјас, Унијата на Ромите на Курто Дудушвлезе и Демократската партија на Турците.

„Создадени се семејства, за тоа разговарав и со докторот. Една Албанка мажена за Турчин. Турчин женет со Албанка, и сега ќе се поделат, дали се со Бејџан или со Али. Сега ги обединивме и ги смиривме семејствата. Ние имаме само една разлика, сè друго е заедничко“, вели Али Ахмети.

Сите овие коалиции најавуваат дека ќе бидат победници. Од СДСМ порачуваат дека  проевропската коалиција ќе ја формира новата проевропска влада по завршувањето на претстојните избори, ќе биде предводник во реформските процеси и ќе се залага за завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година и членство до 2030 година, наспроти нови 11 години изолација и заглавување кои ги нуди опозицијата. Лидерот на ДУИ Али Ахмети при потпишување на коалицискиот договор  со претседателот на Турската демократска партија, Бејџан Иљаз изјави дека „Европскиот фронт е апсолутен победник на изборите“.

– Овој фронт нема да биде за еднократна употреба само за претседателски и локални избори, овој фронт ќе биде долготраен, затоа што интересите се заеднички, не можеме да ги разделиме луѓето кои живеат заедно, бидејќи се создадени како едно семејство. Овој фронт ќе се гради врз темелите на меѓуетничката соработка и ќе придонесе за стабилноста и мирот во регионот, фокусирајќи се на интеграцијата на земјата во Европската унија и зајакнувањето на добрососедските односи, изјави Ахмети.