Секоја сабота иста приказна – паркинг кај спортските терени во Ново Лисиче ни за лек


Спортските терени во Ново Лисиче, служат за одржување тренинзи, а во сабота се одржува и детска лига. 

Секоја сабота, тука пристигнуваат родители кои ги носат своите деца на фудбалски натпревар или тренинг, а паркинг-место не може да се најде ни за лек. 

Затоа, тревниците пред терените се полни со паркирани автомобили, а дел се паркираат и по тротоарот од спротивната страна на булеварот. Со истиот проблем се соочуваат и локалните жители, кои токму поради ова, не можат да најдат паркинг пред своите згради или во близина. 

Дел  од граѓаните реагираат дека проблемот е со години и дека никој до сега не го решил. 

Мајки со деца во колички не можат да поминат по тротоарот од паркираните автомобили, па се симнуваат на булеварот, што е потполно небезбедно. Истиот проблем го имаат и децата кои пеш одат до терените или се враќаат од напреварот дома. 

Сите оние кои намислиле саботното утро да го искористат во паркот „Авионче“, се принудени да одат по булеварот, кој од страната на паркот и терените не ни има тротоар.

Овој булевар се планира да се прошири, а за тоа амин дадоа и советниците од Град Скопје, на последната седница, но за дополнителни паркинг места – никој од надлежните не спомнува, иако како што забележуваат граѓаните кои живеат таму, на потегот од „Авионче“, до паркот кај последна „5-ка“, има место и за паркинзи и за тротоат и за дополнителни паркови…

Погледнете како тоа изгледа секоја сабота:

Овие забелешки поткрепени со фотографии редовно се постираат на Фејсбук страниците „Општина Аеродром – пријави проблем“ и „Општина Аеродром – Граѓанска патрола“, но ниту кај општината, ниту во Градот Скопје се нема слух за проблемот.

Не е тешко да се размисли дека таму треба да се изгради паркинг наменет за спортските терени, на кој пристап ќе имаат родителите кои ги носат децата на натпревар или тренинг, кои редовно се одржуваат во утринските часови, а потоа да служи за околните граѓни. Но, за тоа пак, треба да се постави управа и редари. Очигледно, за сите досегашни власти, вклучително и последната, тоа е преголем залак.(Б.Б.)