Секоја петта германска компанија стравува дека ќе пропадне


Секоја петта германска компанија не ја исклучува можноста од пропаѓање заради последиците од коронавирусот врз економијата, објави престижниот Институт Ифо со седиште во Минхен.

Може да се случи бран на несолвентност во наредните месеци во Германија – предупреди истражувачот на Институтот Ифо, Стефан Сауер коментирајќи ги извештаите на германските компании до Институтот во јуни годинава за тоа како коронавирусот ќе влијае на нивниот бизнис.

Анализирајќи ги наодите од истражувањето, Ифо меѓу другото утврди дека најголем страв од затворање на бизнисот меѓу германските компании постои во секторот услуги, каде што 27 проценти од претприемачите оценуваат дека нивниот понатамошен бизнис е под голем прашалник, пренесува Сеебиз.еу.

Во рамките на услужниот сектор, според истиот извор, најнесигурни се тур-операторите (85 проценти од испитаниците), хотелите (76 проценти) и рестораните каде што 67 проценти од претприемачите не ја исклучуваат можноста за затворање.

Институтот посветува особено внимание на изјавите на индустријалците, каде што повеќе од половина претприемачи во металната индустрија се несигурни за нивниот понатамошен опстанок на пазарот.

Во извештајот на Ифо исто така се предупредува дека преовладува и висока неизвесност во текстилната индустрија, каде 38 проценти од претприемачите не ја исклучуваат можноста за пропаѓање, индустријата за хартија (28 проценти) и кожарската индустрија (27 проценти), додека дополнителна загриженост произлегува од неизвесноста на автомобилската индустрија и нивните добавувачи, вклучително и 26 проценти од претприемачи кои се сомневаат во понатамошниот бизнис.

Малку помала неизвесност кај германските бизнисмени владее во секторот трговија (21 процент од анкетираните компании стравуваат од прекинување), додека најмал страв од ефектите на коронавирусот врз економијата има во градежниот сектор, каде што само два отсто од претприемачите се сомневаат во понатамошниот бизнис.

Ифо, исто така, укажува на високата неизвесност што владее во креативната и забавната индустрија, каде 55 отсто од компаниите и самостојни уметници и професионалци ја остваат отворена можноста за затворање заради коронавирус.