Сега Стевчо Јакимовски ќе го тужи МВР за лажно пријавување
Првиот човек на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, ќе поднесе кривична пријава до Министерството за внатрешни работи за лажно пријавување. Истото ќе го направат и неговите соработници за кои претходно имаше пријава.
Тој остро реагираше на последните обвинувања за наводни неправилности во врска со одредени имотни постапки во општината. Според него, се работи за политички монтиран процес. Јакимовски рече дека целата ситуација е резултат на пропаганда и обиди за политичко влијание, со цел да се дискредитира неговото работење.
„Предметот е чист како солза, а оние кои пријавиле тоа можеле да го увидат на само еден состанок во општината. Поради целата помпезност, јасно е дека станува збор за политички монтиран процес“, изјави Јакимовски.
Полицијата до Обвинителството пред некој ден поднесе кривична пријава против градоначалникот и пет лица вработени во Секторот за урбанизам, поради сомнение дека сториле кривично дело „Злоупотреба на должност и службено овластување“.
Спротивно на Законот за градење и Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, констатирале дека наводно објектите за спорт и рекреација – тениски игралишта ги исполнуваат условите за нивна легализација, иако таков вид на објекти се времени објекти и не можат да бидат предмет на легализација, по што изготвиле и заедно со пријавениот градоначалник потпишале урбанистичка согласност, а по плаќањето на одредениот данок на имот, изготвиле и потпишале решение за утврдување на правен статус на бесправен објект“, наведуваат од МВР.
Според полицијата, тие му овозможиле на пријавеното правно лице да ги регистрира објектите наводно без дозвола, на вкупна површина од околу 4.000 метри квадратни. Со тоа буџетот е оштетен за 2,4 милиони евра.