„Жената не е личност на која ѝ треба надзор“ – Митева остро реагираше на изјавите на Богојески
Марија Митева, владината портпаролка и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, остро реагираше на изјавите на Петар Богојески за жените и наводната потреба од „машки надзор“, оценувајќи ги како понижувачки, ретроградни и опасни.
Митева истакна дека со згрозување и длабоко неверување ги проследила изјавите, нагласувајќи дека ваквите сфаќања претставуваат директен напад врз достоинството на жените и вредностите на демократското општество.
„Да се зборува за жената како за личност на која ѝ е потребен надзор е недозволиво. Најстрашно, во неговите изјави се релативизира насилството во партнерските односи и тоа е опасно и заслужува најостра јавна осуда“, порача Митева.
Таа нагласи дека како претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, но пред сè како жена, најостро ги осудува ваквите ставови.
Според неа, заложбата на Унијата на жени преку иницијативата „За една повеќе“ е токму спротивна на пораките што биле изнесени во јавноста.
„За една жена повеќе која ќе добие можност, која ќе биде почитувана, која ќе биде слободна да одлучува, да создава, да води и да успева“, истакна Митева.
Таа потенцираше дека станува збор за прашање на основни цивилизациски вредности и дека во современото општество не смее да има простор за оправдување или релативизирање на насилството врз жените.
„Нема место за вакви сфаќања и нема простор за молк, ниту за релативизирање. Слободата на говорот е темелна демократска вредност, но медиумската видливост не е право на секој што посегнува по навреда и понижување“, посочи таа.
Митева воедно го отвори и прашањето за одговорноста на медиумите при отстапувањето простор за ставови што го поткопуваат човечкото достоинство.
„Вреди да се размисли дали и во колкава мера на ваквите ставови треба да им се отстапува простор, особено кога со нив се поткопува достоинството“, порача Митева.
Нејзината реакција следува по изјавите на Богојески, кои предизвикаа осуди и од Либерално-демократската партија, од каде што претходно побараа Владата јавно да се огради од ставовите за „машки надзор“ и оправдувањето на насилството врз жените.
ЛДП гневна на шокантните изјави на Богојески: Дали „машкиот надзор“ е новата владина политика?!