Проширувањето на ЕУ на пресвртна точка: самит на Еуроњуз

На самитот учествува македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова


 

Лидери се состанaa во Брисел на вториот Самит за проширување во организација на Еуроњуз, во клучен момент за ширењето на ЕУ. Црна Гора е попречена од билатерални спорови, Албанија од протести, додека Молдавија и Украина бележат нееднаков напредок. Патоказите на Европската комисија носат ризик од зголемување на јазот помеѓу земјите што најбрзо напредуваат и оние чиј процес е во застој.

Лидерите на Украина, Албанија, Молдавија, Грузија, Македонија, Ерменија, Хрватска, како и претставници на Европскиот совет, се собираат во клучен момент за проширувањето на ЕУ.

Украинскиот премиер Серхиј Корецки, грузискиот премиер Иракли Кобахиѕе и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, се меѓу учесниците на второто издание на Самитот за проширување во Брисел.

Украина конечно почна да остварува формален напредок, благодарение на промената на власта во Унгарија, а се очекува и отворање на сите преговарачки кластери пред крајот на годината. Сепак, земјоделството би можело да претставува спорна точка во преговорите.

Во тој контекст, украинскиот премиер Серхиј Корецки изјави дека европските земјоделци не би требало да се соочуваат со трајни ограничувања на пазарот на ЕУ, туку со привремени и соодветни мерки.

Црна Гора е најблиску до целта, но нејзиниот напредок е забавен поради билатерални прашања со Хрватска, кои влечат корени од тешкото наследство на југословенските војни од 90-тите години.

Извршното тело на ЕУ неодамна предложи институционални заштитни механизми за новите земји-членки, за што моментално се дискутира во контекст на договорот за пристапување на Црна Гора. Овој договор треба да послужи како модел за тоа како Брисел ќе пристапува кон новите земји-кандидати.

За време на самитот, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ предупреди дека претстојните претседателски избори во Франција, со очекуваниот пораст на евроскептичните сили, носат ризик да го попречат процесот на пристапување.

Една деценија по референдумот за „Брегзит“, ЕУ се обидува да го претвори моментумот за проширување во конкретни резултати, прецизирајќи ги чекорите што земјите-кандидати кои најбрзо напредуваат треба да ги преземат за да го финализираат своето пристапување.

Сепак, претстојните патокази на Европската комисија за таканаречените предводници во процесот – Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина – носат ризик од зголемување на јазот во однос на земјите чии кандидатури со години стагнираат, како што се Северна Македонија и Грузија. Албанија, која генерално се смета за втора најблиска земја до целта, е потресена од големи протести поради подготвителните работи за луксузно одморалиште во заштитена област, проект планиран од Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.

Молдавија, пак, напредува толку брзо што Европската комисија мораше да прераспредели внатрешни ресурси за да го следи темпото на Кишињев, кој е блиску до затворање на поглавје што тукушто го отворил.

На Западен Балкан, во Србија – најголемата земја во регионот – неодамна дојде до промена на власта, што во Брисел разбуди надежи за „ресетирање“ на односите и нов залет во процесот на проширување.

Претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, изјави за Еуроњуз дека надежите на нејзината земја за пристапување кон ЕУ се држат како заложник од страна на Бугарија, која бара уставни измени за признавање на бугарското малцинство.

Во обраќањето Сиљановска-Давкова рече дека има потреба од суштински дијалог меѓу Европската унија и земјите кандидатки, во кој и двете страни ќе имаат можност да ги изнесат своите аргументи. 

Според неа, политичката волја не може постојано да се очекува само од земјите кандидати, туку треба да се покаже и од страна на Унијата, особено во изнаоѓањето креативни решенија за надминување на долгогодишниот застој.

 Како можност за придвижување на процесот, Сиљановска-Давкова гледа во постепената интеграција, преку пристап до единствениот пазар. Во однос на реформите, таа оцени дека постојат капацитети за напредок во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата, но дека нивното спроведување бара внатрешна политичка волја, а и поттик од Европската унија.

 На Кавказ, процесот на пристапување на Грузија е практично запрен, во услови на назадување на демократијата и дипломатско свртување кон Русија. Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, минатиот месец ја опиша земјата како „кандидат само на хартија“.

Ерменија, која сè уште формално не е кандидат, размислува да поднесе барање за членство во ЕУ. Таа презеде неколку чекори кон Унијата, обидувајќи се да ја намали својата зависност од Русија по конфликтот со Азербејџан.

Во последните години, ЕУ го постави проширувањето како клучен столб на своите надворешни односи, нудејќи им на соседите перспектива за членство со цел да ги привлече во својата орбита. Сега Брисел мора да покаже дека неговите амбиции за проширување можат да дадат конкретни резултати. (Еуроњуз)