Седум претстави и филм за Анче Џамбазова на 6. „Гола месечина“
Покрај домашни, ќе бидат изведени и две гостински претстави – од Ниш и од Загреб. Фестивалот „Гола месечина“ вечер ќе го отвори Театарот за деца и младинци со претставата „Волшебната флејта“. Утревечер е првата гостинска претстава – „Кнегињата од Фоли Брежера“ на Народно позориште Ниш, а во наредните пет дена ќе бидат изведени претставите: „Мани, мани, мани“ на НУЦК „Трајко Прокопиев“ од Куманово; „Забрането смеење“ на театарот „Антон Панов“ од Струмица; „Како да се ограби банка“ на Драмскиот театар; „Каде е пиштолот?“ на Народниот театар Охрид и „39 степеница“ на Загребачко градско казалиште „Комедија“ од Загреб.
Фестивалот свечено ќе биде затворен идниот понеделник, 9 септември, со доделување на наградите и премиерно прикажување на документарниот филм за актерката Анче Џамбазова (1942-1997). На затворањето на 6. „Гола месечина“ за посетителите ќе има и стендап на Никола Тодоровски.
Општина Аеродром од буџетот одвои 1.200.000 денари и логистички му помога на организаторот, Театар Комедија, успешно да го реализира фестивалот кој, како што соопшти, игра важна улога во развојот на културниот живот во општината и е нејзин заштитен знак.
Претставите ќе се изведуваат во спортскиот центар „Ново Лисиче“ во 20 часот. За наградите за претставите од програмата ќе одлучува тричлено меѓународно жири.