Се запалил автомобил во гаража во Батинци, цело семејство вдишало чад

Два автомобили се запалиле ноќеска на две различни локации во Скопје, при што семејство со две мали деца е пренесено во болница откако се надишале чад. Во вториот случај нема настрадани.
Имено, денеска во 3.58 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Батинци, скопско, настанал пожар во патничко моторно возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на А.М.(37) од с.Батинци, кое било паркирано во гаража во куќа. Од пожарот бил зафатен и еден кат од куќата, а поради вдишување чад А.М., неговата сопруга Љ.М. и нивните две малолетни деца биле пренесени во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош.
Екипа од Бригадата за противпожарна заштита Скопје го изгаснала пожарот.
Еден час претходно пак, во 2:42 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Коста Абрашевиќ“, на паркинг простор во кругот на ЈЗУ Специјална болница по гинекологија и акушерство Чаир во Скопје настанал пожар во патничко моторно возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на А.П.(37) од Скопје.
Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од граѓани кои се затекнале на местото. Увид извршила увидна екипа од СВР Скопје.