Се запали ученички дом во Словенија, повредени се 11 лица – скокале низ прозорците
Во пожар што избувна во ученички дом во Љубљана во раните утрински часови повредени се 11 лица, од кои три се тешко повредени.
Според првичните информации, пожарот избувнал во една од собите на првиот кат од ученичкиот дом на улицата „Пољанска“, од каде брзо се проширил низ целата зграда.
Пожарникарите успеале да го изгаснат пожарот, а сите луѓе од овој објект, вкупно 363, се евакуирани.
Според известувањето на Радио телевизија Словенија, алармот за пожар не се вклучил, но обезбедувањето гласно ги предупредило учениците дека има пожар.
Бегајќи од пожарот, учениците скокнале од прозорците, јавува N1 Словенија.
Тројца тешко повредени
Универзитетскиот клинички центар во Љубљана (УКЦ) соопшти дека три лица се тешко повредени. Едно лице има тешки изгореници, додека две лица ќе бидат оперирани во трауматолошки центар поради скршеници на `рбетот и скочниот зглоб.
Четири повредени лица се примени на интерната итна медицинска помош поради труење со јаглерод моноксид. Нивната состојба е стабилна и без компликации, додаваат од УКЦ.