Се уредува плоштадот „Македонија“: Се заменуваат оштетените плочки, се чистат фонтаните…
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук сподели дека деновиве интензивно се работи на сите страни низ градот.
Како што вели, го средуваат она што со години било запоставено, а требало да се одржува секојдневно.
„На плоштадот ‘Македонија’ се заменуваат скршените и пропаднати плочки, фонтаните што подолго време беа оставени на забот на времето повторно ги враќаме во функција, а пристапните патеки конечно ќе престанат да бидат предизвик и мачнина за граѓаните“, посочи Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека Скопје мора да биде достоинствен, уреден и убав град, токму таков како што го паметиме и каков што сакаме да го оставиме за идните генерации.
„Го правиме тоа за нас, но и за сите гости кои секојдневно доаѓаат да го запознаат нашиот главен град. Го враќаме сјајот на Скопје!“, порача градоначалникот.