Се трудиме да веруваме како Жбогар


НАУМ КОТЕВСКИ

Тргна работава. Среде крупната афера „Рекет“ која очигледно, како што вели шефот на државата Стево Пендаровски, оди низ многу слоеви на општеството – економски, криминални, но, за жал, и политички, стигна информацијата од Основниот кривичен суд дека по вторпат е одбиено барањето на осудениот бизнисмен Сеад Кочан поради болест да се одложи извршувањето на затворската казна. Ете, се враќа надежта во правосудниот систем, се пошегуваа злонамерниците во време кога на сите им е преседнато и од сеир и од шеги.

Криминалната рекет-шема во која постојат сомнежи дека се инволвирани политичари и обвинители ја распарчи вербата во јавноста дека некогаш во земјава работите ќе се доведат во ред. На сета трагедија пак малку болна комедија. Така изгледа откритието на шефицата на Обвинителство за организиран криминал, Вилма Русковска, дека аудиодоказите покажуваат дека во разговорот меѓу сведокот (Орце Камчев) и првоосомничениот (Бојан Јовановски) се слуша гласот на спикерфон и на обвинител.

Ако досега некој сметал дека во високиот криминал и корупција постоело, ајде така да го наречеме, „одвратно витештво“, базирано на интелигентни конспирации, сега гледаме дека тоа кај нас се прави на најдолно спикерфон ниво. Се договара исплаќање на милионски суми како кога внукот му зборува на својот дедо, бидејќи овој добро не слуша, да му купи лижавче со следната пензија. Извонредна парадигма на овдешниот примитивен сеопшт грабеж.

До душа, во случајов никој не праша како се стокмени 1,5 милиони евра во апоени од 50 евра во торба „луј витон“, како што во блиското минато се прашувавме како биле натискани 750.000 евра во пластично шише кое тукутака „отплови“ накај Унгарија, а можеби и кон Опатија, па и натаму се чека некој чесен пронаоѓач да го најде и да ни ја одгатне пораката од него што засега е херметички затворена.

Околу аферата „Рекет“ се плетат многу шпекулации. Вчера заврши вештачењето на телефонот на специјалната обвинителка Катица Јанева, па веројатно тоа ќе даде појасна слика околу тоа дали таа е директно инволвирана во рекетот или вешто изманипулирана од првоосомничениот, кој очигледно на жртвите сакал да им даде на знаење кои сè моќници во општеството му „бакнуваат“ рака.

Аферата има своја морална, но и правна димензија. Со оглед на овдешното искуство базирано на менталната матрица од никого, па ни од политичарите и обвинителите не може да се очекува висок морал, но поважно од тоа е колку далеку ќе се оди во расветлувањето на кривично-правната одговорност за нивните постапки.

Правосудството и натаму е во лоша состојба и сè уште е корумпирано. Но, барем навидум, на хоризонтот се случува и нешто малку поинакво. Имено, сега постои политичка волја да се истераат работите до крај. Изворот на таа волја, за жал, засега е еден политичар, кој, сепак, е на најважната функција во државата. Не е исклучено дека правосудството под тој поттик можеби ќе тргне да направи нешто. Но не постои никаква гаранција дека случајот ќе се расветли целосно без селективна правда само затоа што премиерот Зоран Заев го пријавил рекетот откако му се пожалил сведокот Орце Камчев. Сè е тоа крајно неизвесно бидејќи по сите случувања јавноста живее во еден вакуум каде не знае што навистина се случува.

Општественото милје настанато во транзициско балканско мочуриште обележано со хронична слабост на институциите и доминација на силни криминогени структури, создаде простор за појава на исклучително комплексни спреги на различни влијанија кои ги опфаќаат сферите на политиката, бизнисот, криминалот, медиумите, правосудството. Во тие сложувалки често се случува довчерашните пријатели, со навидум исти цели, преку ноќ да станат смртни непријатели, но и обратно непријателите да оформат пријателство засновано на заеднички „изи мани“ – интереси. Пионите се жртвуваат, ама на шаховската табла остануваат кралевите. А играта продолжува.

Премиерот Заев веќе ја назначи Вилма Русковска за прв човек на новото Јавно обвинителство за организиран криминал и висока корупција во кое треба да биде инкорпорирано СЈО. Веројатно е во право опозицијата што протестира околу тоа премиерот да дели обвинителски функции и што бара притоа да се формира нов Совет на јавни обвинители кој би го одбрал предводникот.

Но тоа не може да го пренабегне впечатокот дека на ВМРО-ДПМНЕ, која десет години правеше ‘ршум низ државата, а нејзините високи функционери сосе бизнис пајташите кои се дел и од оваа афера се појавуваа како холограм во секоја компанија за да им кажат добронамерно на газдите дека тие како општествено одговорни персони подобро ќе ги водат нивните фирми, и се отвори простор да си ја заврши својата главна мисија – да го помножи со нула СЈО, кое беше создадено да расчисти пред сè со нивниот бескрупулозно поведение. Сè наликува на некакво опсесивно и лукративно занимавање со аферите спакувано во обландата за борба против авторитарната власт и прикриено со плаштот за демократизација на земјата. Тоа не е ништо друго освен обид да се прикрие направеното злосторство и да ѝ се прикаже на јавноста дека ангелите не се во СЈО, туку живеат во белата палата.

Очигледно, многу нешта и интереси се испреплетени и ниту еден политички договор, кој евентуално би се случил во блиска иднина (па и за Законот за јавно обвинителство), не гарантира дека нема да западнеме повторно во длабока политичка криза. Можеби затоа евроамбасадорот Самуел Жбогар рече „се трудам да го гледам случајот ‘Рекет’ од позитивен аспект“ сметајќи дека тој покажува оти Јавното обвинителство се бори против корупцијата. И ние се трудиме да веруваме, иако надежта во моментов се коси со секоја здрава логика.