Се санира мостот „Киро Фетак“, меѓу Општините Аеродром и Кисела Вода

Започна реконструкцијата на Р-1106 која ги поврзува Кисела Вода и Аеродром, со санација и проширување на мостот на ,,Киро Фетак”.
– Денес, заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски и градоначалникот на општина Аеродром Дејан Митески, како и заменик-директорот на ,,Македонија пат” Александар Шуковски, извршивме теренски увид на две поврзани интервенции на дел од улицата ,,Киро Фетак” – дел од регионалниот пат Р-1106 кој е важна сообраќајна трансверзала што ги поврзува општините Кисела Вода, Аеродром, Зелениково и Студеничани со автопатот – пишува градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Општина Кисела Вода до Владата на Република Македонија аплицирала со проект за целосна санација на постојниот мост, кој во изминатите години стана опасна точка.
– Тука често се случуваа сообраќајни незгоди, се уриваше оградата, а возила завршуваа во атмосферскиот канал – потсетува тој.

Со сопствени средства, изработиле проектно-техничка документација за реконструкција, проширување со тротоари и безбедносно унапредување на мостот, чија реконструкција треба да ја реализира општината со средства во висина од околу шест милиони денари.
Паралелно, Јавното претпријатие за државни патишта ќе ја реализира санацијата и проширувањето на самата улица, како дел од регионалниот пат Р-1106.
Овој проект е од исклучителна важност за жителите на неколку општини, но и за безбедноста на сите учесници во сообраќајот.