Град Скопје почесто ќе организира бесплатна прошетка до Матка: Погледнете како помина првата


Некои од најголемите природни богатства се токму тука, на дофат на секој скопјанец.
Наша обврска е да ги чуваме, а моја желба е што повеќе граѓани лично да ја доживеат убавината со која Скопје се гордее!
 Токму затоа, денес организиравме бесплатен разглед на Матка и Врело, можност нашите сограѓани да се оддалечат од секојдневието и да уживаат во едно од најубавите катчиња на нашиот град.
Инспирирани од историскиот подвиг на полскиот нуркач Бартломиеј Питала, кој достигна длабочина од 338 метри и го запиша Врело како најдлабоката подводна пештера во светот истражена од човек, сакаме ова наше природно богатство да го доближиме до што повеќе граѓани. Зашто посебно е чувството кога убавината за која слуша светот ја гледаш со свои очи и знаеш дека е дел од твојот град!
Величествени карпи, мирна вода и глетки што оставаат без здив.
На Матка, секој поглед потсетува колку природата била дарежлива кон Скопје.
А Врело, со својата убавина и таинствени длабочини, нè потсетува колку многу сè уште има да откриваме и да чуваме за идните генерации.
Со организиран автобуски превоз и професионални туристички водичи од Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници, граѓаните имаа можност да ги запознаат овие места и да слушнат повеќе за нивните природни особености.
Вакви бесплатни разгледи ќе организираме почесто, за што повеќе наши сограѓани, од сите генерации, да ги запознаат убавините на Скопје и да создадат нови спомени. Преку овие посети ќе ја зајакнуваме и свеста за зачувување на природното наследство што им го оставаме на нашите деца.
Скопје има богатства што заслужуваат да бидат видени, доживеани и сочувани.
Да го запознаеме со восхит, да го чуваме со одговорност и да го сакаме со дела, порачуваат од Град Скопје, по денешната прошетка.