Јаневска потрча во СД „Стив Наумов“ да покаже дека студентите живеат во најдобри услови


Фото: Б. Грданоски

Јаневска: Обвинувањата на СДСМ за условите во „Стив Наумов“ не се точни, студентите живеат во еден од најубавите и најмодерни домови на Балканот (фотогалерија)
 Со директен увид во студентскиот дом „Стив Наумов“ министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ги отфрли обвинувањата на опозициската партија СДСМ за лоши услови за престој на студентите во овој дом.

– Денес видов дека СДСМ држеше прес. Партија синоним за лицемерство, која рече дека е со студентите. Еве како СДСМ во негово време беше со студентите. Во овие услови живееа студенти во времето кога тие беа со студентите. Вие видовте како оваа Влада е со студентите. Имавте можност да влезете во домот и да видите – рече Јаневска.

 

Таа посочи дека домот е изграден од австриска компанија во соработка со Европската Унија и дека за време на посетите на европски претставници бил високо оценет.

– Не само ние туку и европретставниците потврдија дека ова е еден од најубавите и најмодерни домови на Балканот, а во споредба и со некои други земји пошироко – истакна министерката.

 

Во однос на забелешките за одредени технички недостатоци, Јаневска рече дека е можно да се појават поединечни проблеми, но нагласи дека објектот е под гаранција и сите евентуални дефекти ќе бидат отстранети.

– Дали може да се случи некаков инцидент? Да, може да се случи, домот е нов и стан кога купуваат граѓаните, може да се случи нешто да не е баш како што треба. Домот е под гаранција, фирмата е позната, сè што треба да поправи, ќе се поправи и ние ќе се држиме до тоа. Но, дека се рушат ѕидовите, дека течат покириви или дека се случува нешто друго, не е точно. Вие сами видовте – изјави таа.

 

Министерката апелира до семејствата на студентите да не ги вознемируваат политички партии и други злонамерници.

– Децата им живеат во убави услови, кои досега ги немало во оваа земја, и ќе продолжат во исти такви услови да живеат. Доколку имаат каква било забелешка за живеењето во домот, ние тоа ќе го поправиме – рече Јаневска.

Претходно, претседателката на СДММ, Стефанија Кузмановска, побара зголемување на субвенционираниот студентски оброк од 140 на 200 денари и обезбедување достоинствени услови во студентските домови. На прес-конференција таа обвини дека студентите во „Стив Наумов“ се соочуваат со сериозни проблеми и по реконструкцијата.

Според Кузмановска, во домот имало протекување вода, влага, недостиг од греење и топла вода, а последниот дефект бил пукање на бојлер. Таа наведе дека нема повредени.

 

„Ова ли е домот од А-категорија што го ветуваа Јаневска и Мицкоски?“, праша Кузмановска.

Таа го критикуваше и износот што студентите го плаќаат за сместување. Според нејзините наводи, месечната партиципација е зголемена на 6.600 денари, додека условите не одговараат на ветувањата за целосно реновиран дом.

Кузмановска обвини дека со вториот ребаланс на Буџетот се намалени средствата за образование, како и за реконструкција и енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови. Таа оцени дека изостанува и потребната финансиска поддршка за секојдневните трошоци на студентите.

„Симфонија“ од радијаторите во студентскиот дом „Стив Наумов“

 

Министерката, попладнево  најави дека набргу во употреба ќе биде пуштен и студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, во кој, како што истакна, условите ќе бидат на исто ниво како во „Стив Наумов“.

– За кратко време ќе пуштиме во употреба уште еден друг дом – „Кузман Јосифовски-Питу“ и таму условите ќе бидат на исто ниво како и овде. Така ние се грижиме за студентите – нагласи министерката Јаневска.