Се реконструира улицата „Љубљанска“ во Карпош


Екипите на Град Скопје го реконструираат коловозот на улицата „Љубљанска“ во општина Карпош, што е една од најфреквентните улици во овој дел на градот, информираат од Град Скопје.

Увид во градежните работи на оваа делница денеска извршија градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев.

– Улицата Љубљанска ќе ја реконструираме по целата нејзина должина од вкупно 441 метар, од крстосницата со булеварот „Илинден“ до крстосницата со булеварот „Партизански одреди“. За градежните работи Град Скопје ќе потроши околу шест милиони денари. Значајно е да се нагласи дека реконструкцијата на овој потег е предвидена да заврши во рок од 20 дена, по што екипите на ЈП „Улици и патишта“ ќе ги реконструираат и тротоарите по должината на улицата. Ако се земе предвид и зеленилото што ќе го подигнеме на овој потег, овој дел од градот ќе стане многу попријатно место за живеење, рече Шилегов.

Во текот на претстојното лето, за реконструкција се предвидени повеќе улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје, а веќе е во тек пробивањето на три булевари кои претходно не постоеле. Поради тоа, Шилегов замоли за разбирање од граѓаните додека траат градежните работи. Тој упати апел до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената патна сигнализација и на дневна основа да ги следат информациите за привремен сообраќаен режим што ги објавува Град Скопје, се наведува во соопштението.