Се прекинуваат огласите за работа со наведена етничка припадност


Министерството за јавна администрација им даде насоки на институциите како да постапуваат во периодот додека важи времената мерка на Уставниот суд за стопирање на алатката „балансер“, која се користеше за правична застапеност на малцинствата при вработувањата во државните и локалните институции. Упатството уследи откако Уставниот суд пред две недели одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на балансерот.

Според упатството на Министерството за јавна администрација, ќе се прекинат сите актуелни огласи каде е наведено од која заедница треба да биде кандидатот, а оние огласи во кои не е наведено дали вработениот треба да биде Македонец, Албанец, Турчин…, ќе продолжат.

„Во врска со решението на Уставниот суд од 18 септември 2024 година Министерството за јавна администрација даде насоки за постапување на институциите од јавниот сектор. Веќе започнатата постапка за вработување ќе продолжи ако во јавниот оглас за вработување не наведена припадност на заедница и ако кандидатот не се обврзува во пријавата да истакне припадност на заедница. Во Регистарот на вработени во јавниот сектор не се евидентираат податоците за вработените во институциите“ соопшти Министерството за администрација.

Уставните судии одлучија да го стопираат балансерот до конечната одлука дали оваа алатка е во согласност со Уставот.На седницата уставните судии расправаа дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место. Судиите ќе одлучат дали со „обврска на кандидатите меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.

Претседателот на Уставниот суд и судија известител по предметот, Дарко Костадиновски, на седницата нагласи дека не се работи за укинување на нечии права. Според него, оваа афирмативна мерка ја има исполнето својата цел, а само мерит системот и компетентноста треба да бидат единствен критериум за вработување и унапредување.

Предметот е оформен по иницијатива од Антокорупциската комисија, која на седница во јануари годинава одлучи да поднесе иницијатива до Уставниот суд за преспитување на алатката „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата. Досега се случија стотици примери кога Македонци се пишаа како Албанци, а Албанци како Македонци итн, само за да се исполни задолжителниот законски услов при вработување во администрацијата.