Се предлагаат видео снимки на кои Жежовски наводно бил жив – иако бил убиен претходно


Од почетокот на судењето за двојното убиство (Фото: Б. Грданоски)

Судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжи денеска во Основниот кривичен суд во Скопје со изнесување дополнителни докази, меѓу кои снимки од безбедносните камери кај Велибор Манев кои, според Обвинителството, покажуваат дека обвинетите однапред се подготвувале за убиство, а не само за киднапирање. На снимката што беше прикажана во Судот, видлив е моментот кога Манев става лопата во возилото „Рено Кангу“.

Во изјава за медиуми, обвинителката Ана Стојковиќ, појасни дека снимката била изнесена како одговор на тврдењата на обвинетите во нивните искази дека тие всушност немале мотив да убиваат, туку тргнале да грабнуваат луѓе. Прашана дали сѐ уште остануваат на ставот дека мотивот е користољубие, обвинителката Жаклина Трајковска одговори потврдно.

-Апсолутно во случајов се работи за користољубие. Од самиот почеток до извршувањето на делата, обвинетите заедно се договорале и се кородинирале да ги преземат сите дејствија со цел да си остварат користољубие. Со убистовто на Вања се докажува дека сите заедно ги превзеле дејствијата, само заради таа причина, рече Трајковска.

Претходно, Обвинителството презентираше дека обвинетиот Боре Видевски не бил на своето работно место на денот на грабнувањето и убиството на Вања и Панче, а воедно нема достапни податоци за извршено пробно испукување со оружјето кое го поседувал обвинетиот. Во изјава за медиуми, бранителите на Палевски и Видевски побараа вештачење на пронајдената чаура.

Адвокатот Бојан Манев го доведе во прашање недостигот на траги за испукување од оружјето на Боре Видевски во базата на МВР, сметајќи го тоа за контрадикторно. Тој тврди дека има потврда за легалноста на оружјето, но без записи за испукување, што го нарекува пропуст или намерно занемарување.

Адвокатот Јовица Страшевски побара вештачење на чаурата пронајдена на местото на убиството на Панче Жежовски, критикувајќи го Обвинителството што не ги истражило сите регуларни пиштоли. Според извештаите, чаурата не се поклопува со постоечките податоци, а иако Видевски има легална дозвола за оружјето од 1998 година, нема записи за испукување.

На денешното рочиште ќе се разгледува извештајот од ЛПР системот од „Безбеден град“ на МВР, на предлог на Обвинителството. Овој извештај првообвинетиот Палевски во повеќе наврати бараше да биде изведен како доказ, затоа што во него има податок дека возилото „рено кангу“ е снимено кај железничката станица во Скопје во близина на седиштето на Десна на 22 ноември 2023 година и тоа  15 минути по полноќ. Палевски се бранеше дека Обвинителството тврди дека во тоа исто време „реното“ е во Велес, пред куќата на Велибор Манев, а не може да е на две места во исто време.

Според снимките од пред куќата на Манев, кои се еден од клучните докази на ЈО, четворицата обвинети вечерта пред убиството на Панче Жежовски го планирале злосторството што го извршија следното утро. На снимките се гледаше како тие изнесуваат предмети од „реното“ и ги внесуваат дома кај Манев, како кеса, торбичка, две туби итн., а се гледаат и како го обиколуваат теренот и пеш и со „реното“, ги тестираат радио-станиците, носат слушалки и микрофони, ставаат ракавици на рацете и слично. Откако ги завршиле подготовките Палевски и Кешишев со „рено кангу“ се враќаат во Скопје, а велешаните Манев и Видевски остануваат во Велес. Според снимките, Палевски и Кешишев рано изутрината повторно доаѓаат пред куќата на Манев, од каде четворицата тргнуваат да го киднапираат и да го убијат Панче Жежовски.

Снимките од пред куќата на Манев беа презентирани на рочиштето на 21 февруари и тогаш обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска рече дека Палевски и Кешишев тргнале кон Скопје во 00.13 часот.

Палевски силно се фати на овој момент со времето. Рече дека според ЈО „рено кангу“ на 22.11.2023 година во 00.13 часот било во Велес, а според извештајот од ЛПР системот од „Паметен град“ е снимено во 00.15 часот кај железничката станица во Скопје. Затоа најави дека ќе бара ЛПР-извештајот да биде изведен како доказ на неговата одбрана, но обвинителките го претекнаа и тие побараа овој извештај да биде изведен како доказ на обвинението.

Адвокатот на третообвинетиот Боре Видевски, Бојан Манев, исто така, предложи да се изведат како доказ видеоснимките од бензиските пумпи Макпетрол и Лукоил во Велес, за кои досега во изјави тврдеше дека на нив се гледа Панче Жежовски како жив на 22.11.2023 година околу пладне, а тој, според обвинителниот акт, е убиен околу 9, односно 9.30 часот.

Обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска побара време за да проверат дали такво цеде со видеозапис од Макпетрол Велес кое произлегува од наредбата е доставено до Судот за да можат да се произнесат.

Судијата Ивица Стефановски го праша адвокатот Манев дали ги поседува видеозаписите кои се обезбедени, на што бранителот рече „не“. Судијата прифати да се изведат видеозаписи од безбедносни камери на Макпетрол на улицата Димитар Влахов, доколку бранителот Манев го обезбеди овој видеозапис.Судот му укажа на бранителот дека тој треба да го обезбеди доказот, а Судот ќе овозможи технички услови за да го презентира. А доколку не го обезбеди, нема да биде изведен како доказ.