Се предаде осомничен за „27 април“ кој седум години бил во бегство


По седум години во бегство, на граничниот премин “Деве Баир”, на влез во Македонија од Бугарија на македонските власти се предаде Дејан Давидовски-Дешо, јавува Канал 5.

Тој бил баран по меѓународна потерница од страна на МВР за упадот во Собранието или во народот познат како случај „27 април“. Осомничен е за злосторничко здружување и загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Давидовски пред пет години беше уапсен во Шведска, но Врховниот суд на земјата го одби барањето на Македонија за екстрадиција.

Појавувањето на Давидовски на граничниот премин „Деве Баир“ се случува два месеца откако на власт во земјава е ВМРО-ДПМНЕ. На митинзите што оваа партија ги држеше за време на изборната кампања често можеше да се слушне реторика дека обвинетите за „27 април“ се неправедно осудени.

Актуелната претседателка на државата Гордана Сиљановска-Давкова тогаш како кандидат за функцијата поддржан од ВМРО-ДПМНЕ уште на вториот ден од изборната кампања за првиот круг од претседателските избори на митинг во Струга рече дека доколку дојде на позицијата претседател на државата, ќе ги помилува осудените за „27 април“.

„Вам, граѓаните, кога некогаш неоправдано ќе се најдете во судот, пред лицето на правдата, односно на неправдата, многу ви е важно дали има шанса од една кочница наречена помилување. Да, помилувањето не е случајно, има долга историска традиција. Го користеле кралеви, кралици, претседатели, ама кај нас мислам дека не се користело кога треба или се злоупотребувало кога не треба. Потребно е во името на правдата, на етиката, на моралот, претседателот понекогаш да се одважи и да посегне по една кочница во однос на судот. Тоа ќе го направам и честопати го спомнувам, особено кога ги имам на ум обвинетите од 27 април. Страшно ме погоди судбината на Јане Ченто. Зар е можно судбината на неговиот дедо да се повторува во 21 век, во современа Македонија. Замислете да бидете обвинети за организирање на тетрористичка закана или за рушење на уставниот поредок на Македонија. Последиците ќе ги чувствувавме до ден денес ако имаше таква закана“, рече Сиљановска-Давкова на митингот во Струга одржан на 5 април.

 Минатиот месец, ТВ Телма повикувајќи се на свои извори објави дека новиот в.д. директор на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, одобрил повеќе барања за привремен прекин на затворска казна за осуденици од случајот „27 април“ за упадот во Собранието.

Пандов на прес-конференција на 22 јули ја потврди информацијата, но не кажа колку точно барања се одобрени, ниту на кого се однесуваат. Пандов дал „амин“ за времен прекин на затворските казни на осуденици од „27 април“, меѓу нив и Митко Чавков ТВ Телма, повикувајќи се на извори од Управата за извршување санкции, јави дека меѓу осудениците од „27 април“ на кои Пандов им ги потпишал барањата за прекин на издржувањето на казната се и поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, а дека од зад решетки бил пуштен и осуденикот Душко Лазаров.

Според информации од затворската управа, како што објави телевизијата, најголемиот дел од барањата кои биле одобрени, се за физикална терапија.