Се подготвува нова листа производи со мерки за намалување на цените, најави Битиќи
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска најави дека е во подготовка нова листа основни прехранбени производи за кои се предвидуваат мерки со кои што треба да се намали нивната цена. Тој не прецизира кои се тие производи и дали мерката ќе биде замрзнување на цента, но рече дека сите мерки кои што ги носи Владата се во насока даим се помогне на граѓаните, но притоа и компаниите да остваруваат одреден профит.
„Наскоро, мислам веќе наредните денови или следната недела ќе имаме нова листа на продукти со нови мерки“, рече Битиќи одговарајќи на прашања на новинарите на маргините на настанот за дигитализација во царинскот работење.
Тој посочи дека не може да се дефинира што е најповолна цена за граѓаните, но мерките што се носат, како што се субвенционирана цена на електрична енергија за компаниите од прехранбениот сектор, имаше одреден ефект, но не и краен ефект порад што Владата морала да посегне по замрзнување на цените.
„Неморално и неетичко однесување на пазарот се коси со основните начела на пазарната економија. Не може некој да нѐ повикува зошто ги замрзнуваме цените ако однесувањето од другата страна било неморално и неетички и на грбот на граѓаните. За нас интересот на граѓаните е пред сѐ“, истакна Битиќи.
Тој додаде дека веќе е донесена одлуката за намалување одредени царински давачки за тестенини и производи доматно пире и сл. што би требало да придонесе да се намалат цените на овие производи.
„Се разговара и се прават анализите за одредени производи кои што се во сегментот на млеко и млечни производи. Секако, ние не сакаме да нанесеме штета кај стопанствениците, но ќе треба сите заедно да собереме сили да ги намалиме цените, со цел граѓаните да бидат најмалку оштетени во овој кризен период“, рече Битиќи.
Запрашан што ќе се случи доколку со новите мерки се повтори ситуацијата со лебот, со оглед дека револтот кај компаниите расте, Битиќи одговори дека такво однесување имало само кај одредени мали компании, како и дека уште првиот ден ги пофалил сите компании кои што самите постапиле општествено одговорно, продавајќи го лебот дури и пониско од замрзнатата цена.
„Тоа е начинот како треба да се однесуваме“, рече Битиќи.
Во врска со примерот на Франција каде што се замрзнати речиси сите цени на прехранбените производи и дали такво нешто може да се примени и кај нас, вицепремиерот за економски прашања рече дека идејата за давење субвенција не била да им овозможи на компаниите да го зголемат профитот и дека тоа нема да биде дозволено.
„Замрзнувањето на цени не значи дека компаниите не генерираат профит, туку нивниот профит е помал и тоа на сите треба да им е јасно. Дури и со замрзната цена на лебот од 33 денари има маржа на добивка која што е профит за компанијата, но тој не е онолку колку што тие би го очекувале. Во кризен период сите губат нешто, но и сите добиваат, а добиваат тоа што граѓаните ќе бидат задоволни и помалку ќе ја осетат кризата. Тоа е клучната порака која што сите треба да ја понесеме“, истакна Битиќи.