Се огласи Милошоски, бара со месеци „бла, бла расправа“ за законот за црни листи
Место да одговори директно на прозивките, Милошоски тврди дека Македонија „веќе има усвоено Закон за меѓународна соработка во кривичната материја“ и дека со него е предвидена можноста домашен надлежен орган (Министерството за правда или Јавното обвинителство) да испрати замолница за соработка во кривичната материја до надлежна институција на странска држава (чл.16).
„Со замолницата, која се доставува преку Министерството за правда, од странската надлежна институција се бара достава на списи, информации и материјални докази за одредена предистрага, истрага или тековен судски предмет за физичко и/или правно лице. Овој закон (чл.35) овозможува и формирање на заеднички истражни тимови за истражување и гонење на кривични дела, а договорот за заеднички истражен тим го склучува државниот обвинител на Македонија. Во чл.39 од Законот за меѓународна кривична соработка дури е предвидено и секое истражно дејствие што го превземал надлежен орган на странската држава да биде изедначено со соодветно дејствие во кривичната постапка пред домашните институции.
Владата, министерот за правда и ЈО, доколу имаат политичка воља за сериозна борба против корупцијата, имаат важечки законски оснои без одолговлекување, преку Министерството за правда, веднаш да испратат замолница до надлежните органи на САД за достава на сите документи, списи, докази и информации за Рамиз Мерко, Катица Јанева, Стевчо Јакимовски и другите лица на “црната листа”. Државниот јавен обвинител може веднаш да оформи заеднички македонско-американски истражен тим и да поведе самостојна или заедничка истражна постапка и да оформи/ да процесуира кривично-правни предмети пред надлежните институции во Македонија“, истакнува во напишаното Милошоски. Притоа намерно „заборава“ дека тој закон не предввидува замрзнување на имотот веднаш откако некој ќе се најде на таква „црна листа“ и дека изричито не се однесува на јавни функционери и на корупција и злоупотреба на службена положба.
Според него, овој закон добро е да се надгради и синхронизира „со дополнителен закон за рестриктивни мерки, за што претставниците на стручната фела ценат дека е потребна квалитетна јавна расправа“, очигледно продавајќи магла за да се добие на време додека евентуално ВМРО-ДПМНЕ не дојдат на власт.
Тој оценува дека Собранието треба да биде организатор и домаќин на една таква јавна расправа, на која главниот збор ќе го имаат претставниците на судската фела, претставници на Обвинителството, адвокати и професори по кривично право. На ваквата јавна расправа, како што додава, многу ќе користи и присуството на експерти за рестрикции и санкции од САД и ЕУ за да имаме одржливо унапредување на позитивните норми во оваа регулирана област за меѓународна соработка во кривичната материја. Кратко кажано, со месеци да има „бла, бла…расправа додека законот сите не го заборават, а санкционираните и корумпираните мирно да спијат.
Според него, со прозивките кон него власта бара изговори наместо да ги искористи постоечките закони и да отвори постапки против лицата кои се најдоа на црната листа.
–Доколку СДС навистина смета дека ова треба да се направи итно и неодложно и дека само тоа е пречка, зошто сметам дека го користат како изговор за нивното непостапување, тогаш претседателот на Собранието има полно право самостојно да ја закаже седницата, да го помине предлог законот, да го изгласа и да го стави на пленарна седница. Но не сум сигурен дека во СДСМ оние кои до вчера ги носеа маичките на Катица Јанева и дека во ДУИ оние кои до вчера носеа маички на Рамиз Мерко се спремни да преземат било какви обвинителски или правни мерки против нивните другари коишто сега се најдоа на црната листа на САД- изјави – Милошоски.
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, одговарајќи на прашање за ставањето на црна листа на Катица Јанева, главна обвинителка на СЈО и Стевчо Јакимовски, претседател на ГРОМ, рече дека тоа се одлуки на институциите на САД и оти Владата подготвила закон за рестриктивни мерки, но дека тој не може да ја помине собраниската процедура. Притоа го повика пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски да го стави законот на дневен ред на комисија.
-Се работи за одлуки што ги носат американските институции врз основа на информации со кои тие располагаат. Со оглед на тоа дека САД се наш стратешки партнер и исто како и ЕУ и Обединетите нации, Владата подготви закон за рестриктивни мерки што е поднесен до Собранието. Го видовте соопштението од СДСМ, јас можам само да повторам дека го повикуваме пратеникот Антонио Милошоски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ да не го блокираат законот и да го пуштат во собраниска процедура, изјави денеска претседателот на СДСМ Ковачевски.
Според него, очигледно е дека тој (Милошоски) од некаква причина го блокира законот да не биде ставен на комисиска расправа и со тоа да не биде донесен.