Се множат доказите против директорот на АНБ, обвинителството молчи
Две директорки на јавни установи се осудени на условни казни затвор од по четири години на почетокот на месецов бидејќи кога конкурирале за позицијата, како доказ за познавање на англиски јазик, приложиле ТОЕФЛ-сертификат издаден од компанијата „Јулија ЦО. ЛТД“ од Пловдив, Бугарија. Тоа е истото правно лице од каде потекнува и ТОЕФЛ-сертификатот на неодамна избраниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, објави денеска порталот 360 степени.
Една од нив е директорката на дебарската болница Севдије Коџа која со признание за вина е осудена на две години условна казна, зашто приложила лажен сертификат за познавање на англиски јазик од Бугарија. Сертификатот е од јазичното студио „Јулија“ во Пловдив Бугарија, од каде диплома има и новиот директор на АНБ Бојан Христовски.
Од порталот „360 степени“ имале увид во пресудите на двете директорки за кои бил отворен судски предмети кои завршиле со признание на вината кога предметот стигнал на суд.
На 14 февруари, Министерството за внатрешни работи предводено од Панче Тошковски, тогаш како министер во техничката влада, соопшти дека Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“.Во соопштението на МВР се вели:
„Пријавената Т.К., вработена во основно училиште во с. Драчево, скопско и пријавената С.К., вработена во Општа болница Дебар, набавиле лажни меѓународни сертификати за познавање на англиски јазик, издадени од училиште за јазици од Република Бугарија. Т.К. го употребила сертификатот при аплицирање на јавен оглас за избор на директор на основно училиште во с.Драчево, по што со решение на градоначалникот на општина Кисела Вода била именувана за директор во училиштето. На сличен начин, С.К. го употребила сертификатот за познавање англиски јазик при аплицирање на конкурс за именување директор на ЈЗУ Општа болница Дебар, по што од министерот за здравство била именувана за вршител на должноста – директор на ЈЗУ Општа болница Дебар“.
И сертификатот на Христовски е од истиот период. Пред Антикорупциската комисија се наоѓа пријава за неговата веродостојност, но до нив пред два дена стигнало и дополнување на пријавата што им беше доставена минатата недела, во кое покрај сертификатот по англиски јазик, се отвораат и нови прашања кои треба да ги проверуваат антикорупционерите – тоа што Христовски бил во различни управни одбори во времето додека работел во МВР.
Според пријавата, спорно било тоа што тој бил и припадник на МВР и член и претседател на управни и надзорни одбори основани од општините, Град Скопје и државата и Антикорупциска ќе треба да проверува дали ова се неспоиви дејности или пак се било во ред со овие ангажмани.
Во дополнувањето на пријавата се бара од Антикорупциска да се заинтересира и да ја провери законитоста конкретно за тоа што Христовски бил член на училишен одбор во ОУ „Љубен Лапе“ во 2009 и 2012 година, член на управен одбор на детската градинка „Буба Мара“ во 2009 година, а бил и претседател на одборот за контрола на материјално-финансиското работење на ЈУ Национален парк Пелистер Битола.
Биографијата на Христовски ја објави Факултетот за безбедност каде тој конкурирал за асистент. Таму навел и дека во 2012 година бил дел од управен одбор на Детски културен центар Карпош, член и потпретседател на Советот за спорт при Агенцијата за млади и спорт, член и претседател на управниот одбор на клиниката за ортопедија од 2007 до 2010, испитувач по предметот криминалистика во комисијата за оспособување на физичкото обезбедување (2014-2016) итн.
Новиот директор на АНБ пријавил дека ТОЕФЛ сертификатот го добил во март 2022 година. Јазичното училиште „Јулија“ е во сопственост на Јулија Иванова-Тодорова, но тоа не постои на адресата што ја имале при регистрацијата, а вчера исчезна и нивната Фејсбук страница.