Се гледа ли крајот на тунелот
МИРЧЕ ЈОВАНОВСКИ
Мерките што ќе се преземаат во наредниот период можеби нема да ја вивнат македонската економија „во вселената“, но секако ќе придонесат да се фати чекор со поуспешните стопанства, како и да се забави одливот на квалификувана работна сила
На прв поглед звучи парадоксално, во време кога светот се бори да излезе од најголемата економска криза по Големата депресија, поединци ентузијасти (воедно и богати луѓе, што секако е битен елемент) инвестираат многу пари и прават пресврт во вселенските патувања, но и во развојот на цела една перспективна индустрија – вселенската.
Според американската мултинационална инвестициска банка и компанија за финансиски услуги Морган Стенли, глобалната вселенска индустрија во моментов се проценува на 350 милијарди долари, а може да оствари приход од над 1.000 милијарди долари или повеќе во 2040 година. Ова само покажува дека патувањето во вселената не е само поради желбата да се почувствува бестежинската состојба и да се има убав поглед кон Земјата за да се направи селфи со кое потоа ќе се пофалат пред пријателите, туку и поради нешто многу по прозаично и поблиско до капиталистичкиот резон – правењето профит.
Деновиве и во регионот една претприемачка идеја доживеа сличен „квантен скок“ за кој малкумина до пред некое време можеа да поверуваат дека е изводлив. Станува збор за Мате Римац, хрватскиот Елон Маск, кој неговиот сон за електрични автомобили не само што го реализираше најуспешно што можел да замисли, туку неговиот бизнис го издигна на уште повисоко ниво преку зделката со познатите брендови „Порше“ и „Бугати“.
Некој ќе прокоментира дека за одважните претприемачи „само небото е граница“.
Се разбира, ваквите бизнис проблесоци не можат да ги решат сите економски проблеми со кои се соочуваат државите, било да станува збор за водечката економија во светот како што се САД, или за задолженото хрватско стопанство, но тие се убава илустрација на онаа многу експлоатирана реченица дека „кризата е и можност“. Ако ништо друго, барем се јасно светло во пандемискиот тунел од кој сите економии во светот се борат да излезат што побрзо.
И на домашен терен клучно е прашањето дали се гледа ли крајот на тунелот. Но, и дали има некоја бизнис идеја или визија која што може да го трасира патот на македонската економија во пост ковид фазата?
Виенскиот институт за меѓународни економски студии во својот најнов извештај за 23 земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа, излезе со непријатна прогноза за Македонија – таа е една од трите земји за кои овој реномиран институт не очекува зголемување на економскиот раст во однос на оној кој беше проценет во претходните есенски прогнози.
Иако стапката на раст на македонскиот БДП од 4,1 отсто и не е така лоша, сепак, непријатна е процената дека другите економии го забрзуваат уште повеќе темпото на економски раст. Тоа значи дека иако ние се движиме со одредена брзина, сепак, во таа трка на долги патеки сѐ повеќе заостануваме. Тука се и податоците за бруто инвестициите кои се помали за 17 отсто на годишно ниво, како и особено слабото извршување на капиталните расходи, кои паднаа за 34 отсто под планираното.
Од Виенскиот институт дури додаваат дека ја задржале прогнозата за раст од 4,1 отсто поради тоа што „владата усвои нов буџет со кој се предвидува капитално трошење за 27 отсто повисоко од претходно најавеното“.
Овие прогнози во крајна линија (како и многу други) можат да се покажат и како погрешни. Но, забелешките дека ваквиот раст е резултат на недоволните трошења на државата, односно на Владата, секако треба да се земат со должно внимание.
Клучното прашање е дали Македонија во текот на кризата само гаснеше пожари или пак носеше и мерки со кои подготви терен да се има добра позиција за рестарт на економијата во пост кризниот период.
Ако се слушаат изјавите кои речиси секој ден ги даваат државните функционери, одговорот е повеќе од позитивен. Дали е тоа така, нема да мора да се чека многу долго. Првиот посериозен показател ќе бидат податоците за растот на БДП во вториот квартал годинава. Тие секако ќе бидат позитивни со оглед што како основа за споредба ќе биде најкатастрофалното тримесечје од минатата година кога економијата беше под клуч.
Друг фактор од кој ќе зависи конечниот одговор е дали пандемијата повторно ќе удри врз економијата. Ширењето на делта сојот во светот веќе зема замав. Кај нас засега состојбата е многу помирна, но според некои анализи прашање на ден е кога бројките ќе се зголемат.
На ова укажуваат и од Виенскиот економски институт, од каде што велат дека најголемата опасност за економското закрепнување на Источна Европа е можниот нов бран на пандемијата, но проценуваат дека дури и да се случи, тоа само би довело до забавување на растот, а не до нова рецесија, бидејќи економиите во регионот во голема мерка научија како да се справуваат со пандемијата. Исто така додаваат дека фактор на ризик е и евентуалното намалување на јавната потрошувачка што може да го запре закрепнувањето на економијата.
Една од индустриите која што се покажа „отпорна“ на пандемијата и која што според сите показатели може да биде нашиот билет за иднината е ИКТ индустријата. За тоа зборуваат и некои показатели кои беа истакнати на Преспа форумот за дијалог. Така, според официјалните податоци за 2020 година ИКТ генерирало вкупен приход од речиси 1 милијарда евра и имала раст од 12 отсто во споредба со 2019, а биле основани речиси 200 нови компании, со што вкупната бројка во овој сектор достигна 2.400 ИКТ фирми. Покрај тоа, во оваа дејност се ангажирани околу 17.000 илјади вработени, а платите на компјутерските програмери се за 2,5 пати поголеми од националниот просек. Покрај ова, лани имало раст на извозот од 10 отсто, при што е реализиран извоз од 240 милиони евра од домашни компании, а повеќе од 85 отсто од ИКТ компаниите работат за странство.
Мерките што ќе се преземаат во наредниот период можеби нема да ја вивнат македонската економија „во вселената“, но секако ќе придонесат да се фати чекор со поуспешните стопанства, како и да се забави одливот на квалификувана работна сила и на таков начин да се спречи она што деновиве на Преспа форумот за дијалог беше посочено на економскиот панел, влегување во опасен магичен круг.
За таа цел препораките, кога станува збор за пазарот на трудот, од една страна се унапредување на вештините, а на долг рок сериозно инвестирање во образованието.
Се покажа дека платите не се единствената причина поради која младите (и не само тие) се решаваат да заминат – во голема мера тоа е и поради условите за работа, владеење на правото, институциите, здравството, образованието, екологијата.
Затоа, одговорот дали се гледа крајот на тунелот и дали кризата за нас ќе се искористи и како можност за рестарт, ќе зависи и од она што се презема во сите овие сегменти.