СДСМ: За пет дена во техничката влада излегоа на виделина сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ
Владејачката СДСМ денеска изјави дека ВМРО-ДПМНЕ за петте дена од учеството во техничката влада покажало колку е неспособно. И дека не успеало да ја убеди грчката амбасадорка за продолжување на рокот за пасошите, а не пак да го променат францускиот предлог.
„Доволни беа само неколку дена, помалку од една недела учество на ДПМНЕ во техничката Влада и на виделина излегоа сите нивни лаги заедно со нивната неспособност. Министерот за внатрешни работи од ДПМНЕ јавно изјави дека не успеал да ја убеди амбасадорката на соседна Грција. Затоа нема што да прави, не може да го реши проблемот со пасошите.
Замислете, многу ‘силната партија’ ДПМНЕ не може една амбасадорка да ја убеди, нешто да смени. Истите оние кои јавно велеа дека можат меѓународен договор да променат, дека може да го променат и францускиот предлог.
Ако една амбасадорка не можат да убедат од ДПМНЕ, како ќе убедат 27 земји членки на ЕУ да се смени преговарачка рамка? Секако, никако“, рече на прес-конференција портпаролот на партијата, пратеникот Дарко Каевски.
Тој нагласи дека со тоа се потврдило она што го говореле: „ДПМНЕ едно зборува пред да влезе во Влада после друго. ДПМНЕ не може да направи ништо. Само ги лаже граѓаните“.