СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ измислува тема околу македонскиот јазик


 

Прашањето на македонскиот јазик и Планот за правата на заедниците не се тема на билатерални односи, велат од СДСМ.

„Темата со македонски јазик во ЕУ е затворена и завршена. Македонија го има и првиот Договор со ЕУ потпишан на македонски јазик. Договорот за Фронтекс го потпиша дури и Бугарија, со што македонскиот јазик е официјано признаен и во ЕУ. Зошто прашања со Бугарија за македонски јазик се отвораат сега кога се затворени во ЕУ?

Како што веќе многупати кажавме, затоа што ВМРО намерно го стопира процесот на евроинтеграции и намерно измислува теми, како последната со Бугарија. Затоа што сака изолација на Македонија. За да може да продолжат со грабежот преку тендерите, како што се, на пример, 161 тендер на една фирма, 9 милиони евра за друга, 1,2 милиони евра тендери од Пошта за фирма блиска до ЗНАМ и многу други. Ова е само уште еден доказ за сè она што СДСМ го говори во јавноста во изминатиот период.

Мицкоски и тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не сакаат ниту да ја отворат темата за членство во ЕУ, затоа што сакаат да го прекинат процесот на евроинтеграции, да распишат избори а потоа да донесат мигранти. Тоа е нивниот план“, стои во соопштението на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека СДСМ не се на власт поради тоа што го погазиле македонскиот идентитет, јазик и историја.

„Го променија знамето, името и Уставот. И кога СДС говори за евроинтеграции најголемиот успех е сликата од авионот. Нивните “успеси” се срам за македонските граѓани.Среќа што СДС не е на власт, инаку ќе бевме кандидати за влез во ЕУ како малцинство во Бугарија, кое зборува бугарски јазик и има бугарска историја. До толку ја сакаат власта да би прифатиле да бидеме и бугарска покраина, а за Гоце, Даме, Сандански уште утре ќе напишат дека се Бугари. Но, затоа и не се на власт. Затоа што граѓаните ја дадоа поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, партија која ќе ја внесе Македонија во ЕУ, без да се погази волјата на граѓаните“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.