СДСМ влезе во ерата на Филипче, денеска ја презеде должноста


 

По непосредните избори минатата недела и убедливата победа новиот претседател на СДСМ, Венко Филипче денеска и официјално ја презеде лидерската позиција во партијата. Функцијата му ја „предаде“ досегашниот претседател на партијата во оставка, Димитар Ковачевски.

Според соопштението на СДСМ, Ковачевски му го честитал изборот и му посакал повторно градење победнички СДСМ.

Венко Филипче посочи дека следи период на многу работа, обединување и реформа на СДСМ. 

„Процесот нема да биде ниту брз ниту лесен, но освен темелни промени не постои друг начин да ја вратиме довербата кај членовите, за да може постепено да ја освојуваме и довербата кај граѓаните. Ќе водам со пример, ќе обединувам и ќе работам како што ветив, како што се обврзав пред членовите. Сечиј глас ќе биде слушнат. Со честа и отворена комуникација со членството ќе создадеме нова енергија на партијата која ќе ја трансформираме во една ефикасна организација. СДСМ ќе се врати посилен и ќе продолжи да биде мотор на општествениот напредок“, рече Филипче.

Тој му се заблагодари на Ковачевски за раководењето со партијата и владата.