СДСМ: Владата се согласила да не ги распушта Судскиот совет и Советот на обвинители


Владата на Мицкоски е фатена во нова лага. Додека јавно вели дека „не се откажува од распуштањето на Судскиот и Обвинителскиот совет“ во официјален документ,  се согласила да се менуваат  “само членовите на Судскиот совет на кои им е истечен мандатот”, обвини денес СДСМ. 

„Документот е дел од преземените обврски од реформската агенда за Планот за проширување и медиумите веќе ги објавија овие делови со кои се согласила Владата на Мицкоски.По кој пат Мицкоски дома кажува едно, а надвор прави друго? Или пак е решен да не планира да го спроведува Договорот со Европската комисија и да се откаже од реформите? Реформите во правосудството се можни само со спроведување на 40-те препораки од оценската мисија на ЕУ, со поддржка и мониторинг од меѓународната заедница.

Освен секојдневните скандали и афери, недоследноста стана одлика на Владата на Мицкоски. Едно се кажува во јавноста, друго далеку од очите на граѓаните, трето се прави, се менуваат ставови преку ноќ и се лаже на големо, тврдат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека „настапи како овој, полни со бесмислици и недоследности, само го потврдуваат фактот дека СДС е на пат да го надмине историски најнискиот број на гласови што ги освоија на последните избори“.

„СДС јавно да каже зошто се плаши од распуштање на Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители? СДС ги саботира реформите затоа што се плаши од одговорност за криминалите на Зоран Заев, Венко Филипче и Ахмети.Истите тие обвинители и судии кои беа слепи на сите тендери и криминали на овој гангстерски тандем кој овие институции ги доведе до доверба под 2 посто. Кацарска судството е заштитен знак на арамиите од СДС и ДУИ“, стои во реакцијата.