СДСМ утре ќе го одржи 30. Конгрес на кој ќе избере ново раководство
СДСМ утре ќе го одржи 30. Конгрес, каде се очекува да биде избрано новото раководство на партијата, односно новите членови на највисоките тела, како и на Централниот и Надзорниот одбор.
Портпаролката на партијата Богданка Кузеска вчера информираше дека конгресот ќе има отворен и работен дел, а ќе се разговара за идните политики на партијата.
Според најавата, прво ќе биде отворениот дел од конгресот на кој ќе се обрати претседателот на партијата, Венко Филипче.
Конгресот треба да започне во 13 часот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.
Откако на чело на СДСМ дојде Зоран Заев во 2013 година, беше воведена функција заменик-претседател, која првично ја вршеше Радмила Шекеринска, а потоа на нејзино место дојде Сања Лукаревска. Иако долго време има различни размислувања на Бихаќка дали оваа статутарно предвидена партиска функција да се укине, сепак, соред некои аналитичари тоа нема да се случи и со доаѓањето на Венко Филипче на лидерското место.
Освен заменик-претседател, социјалдемократите на утрешниот Конгрес ќе избираат и Надзорен одбор, кој во текот на следната недела треба да избере нов Извршен одбор, по што ќе следува и избор на потпретседатели, генерален секретар, организациски секретари.
Се очекува на некои важни партиски позиции да има освежување со млади кадри.