СДСМ тврди дека Јанушев покажувал слики од кампањата во 2016 година


СДСМ преку соопштение реагираше на обвинувањата на генералниот секретар на Владата Игор Јанушев, тврдејќи дека станува збор за слики од кампањата од 2016 година со кои Јанушев се обидува да докаже дека се злоупотребувала Владата за печатење на материјали за СДСМ во 2021 година.

„Слободно институциите нека истражат за каков тоа скандал се работи со печатење на изборен материјал кој се печател преку временска машина, за потребите во 2016 година, но со датум на печатење во 2021“, реагбираа од СДСМ.

Од таму посочуваат дека Јанушев и ВМРО-ДПМНЕ на овој начин се обидуваат да ги прикријат „сериозните криминали на нивните функционери како денешниот во кој Сања Божиновска преку својата приватна фирма и останала должна на МЕПСО еден милион евра“.

СДСМ вели дека Јанушев уште и должи одговор на јавноста во каков бизнис е со Панче Тошковски и бара да ја објави постапката во која тие двајцата се стекнале со станови од над 150 квадрати во центарот на градот во период кога беше актуелен скандалот со набавката на кинеските автобуси.

Инаку вчера, Јанушев го повика МВР, заедно со Јавното обвинителство да влезе во Генералниот секретаријат на Владата и да почне да проверува, како што рече, каков криминал е направен.

Во гостувањето на ТВ Сител, Јанушев покажа слики од депото на Владата од кои, напомена, може да се види дека Владата се користела како штаб на СДСМ. Покажа и јавен повик за доделување финансиска поддршка, креиран на 1 април 2022 година, кој бил направен како да е од 21 мај 2021-ва. Ова, истакна, е кривично дело и за тоа, рече, некој треба да одговара. Покажа и фотографии од две машини на кои, според него, има сериозни индиции дека се печателе изборните материјали на СДСМ.

Токму во неговата сегашна позиција – генерален секретар, Јанушев ја гледа причината за обвинувањата на СДСМ во врска со неговиот имот.