СДСМ тврди дека има нови докази за поврзаноста на Алта банка со ВМРО-ДПМНЕ


 

Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска презентираше нови докази, за кои тврди дека укажувале на поврзаност на Алта банка со структури, финансиери и функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

За овој случај, СДСМ побара Управата за финансиско разузнавање и Финансиската полиција да отворат истрага за ова сомнително преземање и темелно да се испита потеклото на парите.

Денеска беа објавени и нови имиња и нови врски. На прес-конференцијата на Александар Димитриевиќ, генерален секретар на СДСМ, беше посочено дека во менаџерскиот тим на Алта банка „стои името на Лидија Неделкова“, а во Надзорниот одбор е „Стевчо Јолакоски, баџанак на Панче Тошковски, актуелен министер во владата на Мицкоски“.

Беше спомнато и името на „малку познатиот Марјан Закев, член на менаџерскиот тим“, со поврзаности со бизнис структури „познати по офшор-структурите и бизнис круговите блиски до Мијалков и Камчев, како и со предметот ‘Империја’“.

„Ако на ова се додаде и фактот дека за член на Управниот одбор на банката од Битола била избрана Маја Кадиевска-Војновиќ, поранешна членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, сè е јасно. Ова е рентген слика за цела една структура – директен доказ за поврзаноста на Алта банка со ВМРО-ДПМНЕ, финансиерите и функционерите од оваа партија“, рече Димитриевиќ.