СДСМ со предлог-мерки за излез од кризата во Град Скопје: Владата да даде гориво од државните резерви за ЈСП


Советничката група во Советот на Град Скопје од редовите на СДСМ денеска излезе со неколку предлог-мерки за надминување на кризата во која се наоѓа Град Скопје.

Според нив, состојбата е алармантна – јавниот превоз не функционира,  преполни контејнери, смет насекаде, а основните услуги што ги заслужуваат граѓаните се целосно запоставени.

Ги повикаа ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска да се вразумат и да престанат да се инаетат на грбот на скопјани.

СДСМ предлага:

1. Измени и дополнување на Законот за финансиска поддршка на општините и јавните претпријатија основани од нив.

(Овој закон беше донесен во 2018 година од нашата Влада, кога беа сервисирани долговите на општините, вклучително и долгот на Град Скопје од над 30 милиони денари).

– Предлагаме, Собранието на РСМ, по скратена постапка, да ги усвои овие измени за да се обезбеди финансиска стабилност на Град Скопје. Нашите пратеници ќе го поднесат овој предлог.

2. Владата на РСМ итно да донесе одлука за доделување субвенции-евро дизел гориво од државните резерви за нафта.

– Предлагаме Владата на РСМ да обезбеди 2,5 милиони литри евро-дизел од државните резерви на нафта, кои би биле доволни за функционирање на јавниот превоз до крајот на 2024 година.

Ова е мерка што мора да се реализира веднаш, за да се стави крај на агонијата со јавниот превоз.

3. Предлагаме, пратениците во Собранието на РСМ да иницираат свикување на Надзорна расправа во Собранието за состојбата во Град Скопје. Одржувањето на надзорната расправа би било примерот на претходните расправи, за прашања од јавен интерес. Собранието на РСМ, како суверен претставник на волјата на граѓаните има легитимно право да расправа за овие прашања.

Сметаат дека предлозите за надминување на кризата се СДСМ и коалицијата се реални, остварливи и насочени кон доброто на граѓаните, па ги повикаа сите советници во Советот на Град Скопје да ги поддржат овие предлози и да покажат одговорност.

„Скопје не смее повеќе да биде жртва на политички битки. ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска мора да ја преземат својата одговорност и да почнат да работат за доброто на граѓаните. СДСМ и коалицијата покажуваат и докажуваат дека се коалиција која нуди решенија“, рече Јанчева, координатор на советничката група на СДСМ.